Македонија
20. February 2024 - 21:11

По разрешувањето на Алиу, неизвесна е судбината на пакетот закони за администрација

Неизвесно е носењето на пакетот закони за администрација. Откако забрзано и гласно влегоа со европско знаменце во Собранието за да бидат донесени што побрзо со скратени рокови, четирите закони застанаа пред законодавно правната комисија. Таму законите поминуваат експресно брзо, но сега тоа не се случи.

За еден од овие закони, остро реагираа синдикатите и опозицијата, кои рекоа дека ако се изгласа, платите на вработените во јавниот сектор нема да се усогласат со порастот на минималната плата во март. 

Со пакетот закони се фалеше претходниот министер Алиу кој дури се закани со оставка ако не се донесат, но откако застана на страната на Таравари, беше разрешен, па мистериозно исчезнаа и законите. 

Дали ќе надвладее политичката суета и нема да се донесат законите оти се предложени од Алиу, засега е нејасно. 

Од пратеничката група на СДСМ не кажуваат како ќе постапат доколку има гласање. 

Техничкиот заменик министер за информатичко од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека постои несогласување во владината коалиција.

„Нема согласност во рамки на коалицијата да се продолжи на оваа брза трака и до нас не се стигнати информации во која насока би сакале да се движат овие закони, ниту од сегашната гарнитура во министерството, министерот и неговите соработници, ниту пак од владиното мнозинство. Постоеше некакво расположение во владината коалиција да поминат овие закони, најверојатно заради некои други договарања коишто постоеја. Не би сакал да шпекулирам што се тие договарања, дали изборот на заеднички претседател, дали удоволување на Таравари да остане во таа коалиција или нешто друго, но имаше одредено расположение, нешто што веќе не го гледам во рамки на владината коалиција“– Стефан Андоновски, заменик министер во МИОА.

Андоновски се уште не разговарал со новиот министер на оваа тема. Според него, најдобро би било пакетот закони да се врати на доработка во министерството. 

Доколку не се донесат законите, платите на административците ќе се пресметуваат по старо.

Синдикатите за време на комисиската расправа протестираа пред Собранието и кажаа дека законите се носат без никаква дебата, иако од одлуката зависи судбината на 30 илјади лица.