Македонија
29. May 2024 - 16:42

По пратеничкиот мандат на Беџети, Сарај ќе избира нов градоначалник

Повеќе од 33 илјади жители на општина Сарај ќе треба да одберат нов градоначалник, откако Блерим Беџети по три мандати градоначалничката фотеља ја замени со пратеничка клупа. Откако мандатот му беше верифициран, Беџети, преку социјалните мрежи веќе им се порача на сограѓаните дека ќе бил нивниот глас во парламентот.

- Од денеска започнува моето ново патување како пратеник и вашиот глас во Собранието ...Сакам да се заблагодарам на секој од вас што ме поддржа на локалните избори за да бидам на чело на општина Сарај и сега да ве претставувам во Собранието. Ви ветувам дека ќе бидам гласот и волјата на народот и ќе ви докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт.

Ова значи дека Сарај треба да добие нов градоначалник до редовните локални избори. Нови локални избори се можни и во Гостивар и Аеродром, ако актуелните градоначалници чии имиња се споменуваат во преговорите за нов владин состав, станат министри.

Според Законот за локална самоуправа, во случај кога престанува мандатот на градоначалникот, Собранието треба да распише предвремени локални избори во таа општина, бидејќи до редовниот термин за гласање има повеќе од една година.

Тетовскиот градоначалник Касами пак одлучи да го врати пратеничкиот мандат и да остане на чело на општината.

Со изборот на новиот парламентарен состав тече и рокот од 10 дена во кои претседателката Силјановска Давкова треба да го додели мандатот за формирање на новата влада. Но засега од Вила Водно нема најава кога ќе се случи тоа. 

Високи функционери од коалицијата Вреди за Сител потврдуваат дека преговорите се уште траат, но сигурно добиваат 6 позиции во владиниот кабинет на Мицкоски. Засега сигурни се позициите на Таравари во здравство и Меџити во екологија. Неофицијално Бесарт Дурмиши ќе застане на чело на Министерството за економија, Фатмир Лимани се очекува да биде новиот министер за труд и социјална политика, Адмирим Алити министер без ресор, задолжен за Евроинтеграции и Бујаре Абази, министерка без ресор задолжена за добро владеење.

Од Вреди не демантираат дека овие имиња се во игра за позициите, но велат дека преговорите за кадровските решенија не се завршени. Преговарчките тимови сега ги договараат имињата кои би дошле на чело на државните дирекции.Крајниот рок за формирањето на новата влада е 20 јуни.