По изборите одлука на Уставен за Законот за јазиците
На 19 јуни Уставниот суд ќе одржи подготвителна седница за Законот за јазиците, а конечната одлука судот ќе ја донесе по изборите. Претседателот на Уставниот суд во интервју за Трилинг вели дека ниту едно право на граѓаните нема да им биде скратено. Предупреди дека одредени политички структури се обидуваат да прикажат меѓуетнички проблем за да ги истуркаат своите политички агенди.
Јавните изјави на Претседателот на овој суд, кои ги минимизираат меѓуетничките проблеми и ги прикажуваат како алатка за политички цели, не се само неодговорни, туку и длабоко опасни, реагираше утрово ДУИ во писмено соопштение.
„Најавата дека одлуката за Законот за употреба на јазиците ќе биде донесена по изборите не е случајна, туку дел од добро осмислен план за привремено одржување на нивниот политички проект кај Албанците преку квазипретставници без легитимитет, за потоа да се нападнат сите постигнувања стекнати преку Охридскиот договор“ – се вели во соопштението кое ДУИ го објави утрово.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи веќе почна ја планира и предизборната програма.
„Одлуката ги претвора наредните избори во референдум за албанскиот јазик и еднаквоста во државата“ – порача Османи на социјалните мрежи.
ДУИ е разочарана бидејќи им пропадна планот да го поништат Законот за јазиците и со тоа да ја дестабилизираат државата, се вели во реакцијата на коалицијата Вреди.
„Планот на Али Ахмети и Бујар Османи, преку судии именувани од нив во Уставниот суд, да го загрозат албанскиот јазик во Република Северна Македонија и да ја дестабилизираат земјата, пропадна пред да земе замав.
Бујар Османи, како почетник во политиката и без кредибилитет, не успева да го сокрие своето разочарување.
ДУИ беше подготвена да го жртвува албанскиот јазик само за една ниска цел: Да се врати на власт по секоја цена.“ – се вели во реакцијата на коалицијата Вреди.
Уставниот суд на крајот од минатата година одлучи да одржи подготвителна седница по иницијативите за оценување на уставноста Законот за јазиците. Седницата беше одложена поради трагедијата во Кочани.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар