Македонија
1. November 2024 - 19:49

По години чекање и живот во сенка, Бадема Барути доби македонско државјанство

Какво е чувството после толку години да станете државјанин на Македонија?

Не ми се верува, јас сум во шок. Многу сум благодарна, што го добив документот да бидам државјанин на Македонија. Не знам, немам зборови.

Годините на чекање, страв и живот во сенка денеска конечно завршија за Бадема Барути. Со добивање на македонското државјанство таа за прв пат го почувствува спокојството на сигурноста и припадноста во земјата која и е татковина целиот нејзин живот, но без да ги има основните права за живеење. Нејзината мајка не ја пријавила во матична книга на родени и на нејзина една година ја остава кај баба и и дедо и кои подоцна се откажуваат од неа, па жена на нејзина добра волја се нафаќа да ја чува Бадема дури порасне. Низ целиот нејзин живот ја следеше тишината на нејзиното “непостоење”-без право на образование, здравствена заштита и сигурност во утрешниот ден, што и било најтешко дури растела.

Најмногу школото, никој не сакаше да ме прими во школо без документи, никој нема да те прими. За работа исто така, за помош. Многу е тешко. Без документи не може на лекар човек да оди, не може никаде да оди. Ние ромите што правиме- земаме други книшки само да не платиме, немаме финансии. Со други книшки одиме на доктор.

Со добиеното државјанство, Бадема конечно ќе може да ги пријави своите деца- да им подари иднина, образование и чувство на припадност кое таа го чекала цел живот.

Значи овој документ што го гледате за мене е многу важен и за моите деца. Имам шест деца и ниту едно не е пријавено, немаат матичен број. Не можам од државата ништо помош да земам. Без документи никој не ти дава. И сега сум многу среќна. Ќе ги ставам моите деца во школо како што треба, да учат.... Многу сум благодарна за сите.

Најголемата благодарност на Бадема оди до нејзината адвокатка, Александра Ефремова од Млади правници, која беше нејзина водилка низ годините на неизвесност. Ефремова вели дека конечно овој проблем почнува системски да се решава во Македонија.

Долги години, овој проблем беше присутен во нашата земја и уште е присутен, меѓутоа за среќа последниве неколку години ние не водиме веќе борба со институциите за да го искорениме бездржавјанството, туку работиме заеднички и со Парламентот и со МВР кои навистина може ја преземаа и лидерската улога во однос на помошта на овие лица.

Според статистиките на МВР во изминативе пет години вкупно 4.100 лица се стекнале со македонско државјанство, а во министерството во моментов има околу 9000 барања за стекнување државјанство, по основ на брак, по основ на непрекинат престој од 7 години, иселеници од Република Северна Македонија и сл.

Има големи промени во искоренувањето на бездржавјанството во Македонија и тоа е забележано и од меѓународните иституции и организации, велат од УНХЦР.

Тоа беше забележано и од високиот комесар за бегалци при ОН, Филипо Гранди кој на последниот извршен комитет на нашата прганизација на светско ниво, државата ја издвои како земја шампион во справување со бездржавјанството.

Со документот во рака, за Бадема е денеска нов почеток- како за неа така и за нејзиното семејство.

Да ги пријавам моите деца како што треба и во школо, најважно е школото за децата и за мене да се венчам со сопругот, да имам документ, да си извадам пасош...

 

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот образовен форум во партнерство со Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации - УНХЦР.