По Австрија, и Полска со силна поддршка за почеток на преговорите во декември
По силната поддршка на Виена за почеток на преговорите во декември, дадена за време на завчерашната посета на шефот на австриската дипломатија на Скопје, Михаел Линхарт, вчера и полскиот претседател Анджеј Дуда, од Скопје порача дека доколку Бугарија и понатаму реагира неконструктивно, односно каже „не“ за влезот на Северна Македонија тој лично ќе истапи и ќе се заложи за изготвување документ за полесно земјава да се справи со прашањето за влез во ЕУ.
Полскиот претседател, на средбата со неговиот домаќин Стево Пендаровски, изрази надеж дека новоформираната влада во Бугарија ќе има поконструктивна позиција, став во поглед на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.
– Бугарија е се уште во изборен процес и се уште новата влада таму не е формирана и се очекуваат во наредниот период резултати од целиот тој изборен процес. Во овој момент би сакал да кажам дека Полска ја дава безрезервната поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ и овде би сакал јавно да изјавам дека доколку Бугарија и понатаму реагира неконструктивно односно каже НЕ за влезот на Северна Македонија јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој патоказ односно документ којшто ќе послужи на РСМ полесно да се справи со ова прашање во влез во ЕУ, рече Дуда на заедничката прес конференција во Скопје со Пендаровски.
Пендаровски, од своја страна, истакна дека се додека во Бугарија не се формира влада, односно, претходно не конституираат Парламент не би требало да се занимаваме со изјави кои доаѓаат од луѓе кои во моментот се уште немаат целосен полтички легитимитет.
– Станува збор за изјави, од која било страна да доаѓаат, дали од техничкиот министер за надворешни работи или од кандидатите на претседателските избори или оние кои би требало да ја формираат идната влада, а не знаеме дали ќе успеат да ја формираат. Тоа се изјави на луѓе кои или немаат целосен политички легитимитет или станува збор за кандидати кои допрва треба да станат членови на владата или да формираат органи на власт во Софија, рече Пендаровски прашан за различните позиции на актуелниот претседател на Бугарија Румен Радев кој е и кандидат за втор мандат и на идниот можен мандатар на новата влада Кирил Петков.
Пендаровски вели дека независно дали ќе направат Влада или не во Софија, тој е претпазлив реалист. – Толку многу пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокада што јас би почекал навистина да виÐ �ам со кого конкретно утре, задутре и по 21-ви ќе разговараме не само на претседателско ниво, туку и на ниво на МНР кои де факто и досега ги водеа разговорите, кажа Пендаровски.
На средбата на полскиот претседател со премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Бујар Османи, било констатирано дека проширувањето на ЕУ мора да продолжи, изразено преку почеток на преговорите на Северна Македонија, бидејќи со тоа ќе се потврди дека европскиот проект е жив и атрактивен, особено за земјите како Северна Македонија кои ги спроведуваат сите потребни реформи.
Во меѓувреме, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на дискусијата за политиката на проширување на ЕУ со Западниот Балкан во Мадрид, ги образложи македонските позиции во однос на проблемот со Бугарија.
– Блокирањето на евроинтегративниот пат дефинитивно не е помагање и е спротивно на членот 2 од нашиот договор, додека пак од страна на Северна Македонија не постои такво прекршување. Ние како политичари се договоривме да обезбедиме предуслови за успех на Комисијата за историски и образовни прашања, тие имаа повеќе средби и беше предложена и странска експертиза и помош за нивната работа. Со овој договор започнавме еден важен процес што некако беше исфрлен од колосек од причини кои сѐ уште се неразбирливи, рекол Димитров, стои во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.
Во нацрт-преговарачката рамка што сè уште е на маса, посочи тој, има еден технички параграф што е ист за сите земји кандидатки кои отпочнуваат преговори и предвидува превод на правото на Унијата на сопствениот јазик, во нашиот случај македонскиот јазик, за да се овозможи соодветно функционирање на Унијата во согласност со нејзините правила и принципи откако земјата ќе стане членка.
– Оттука, ова прашање се третира како прашање на самоопределување, како што е уредено со меѓународното право бидејќи нема правна основа и не е пристојно ниту една земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање за нашиот народ, според меѓународното право, истакна Димитров.
Тој посочи дека евроинтегративниот процес на С Македонија е прашање преку кое се преиспитува внатрешната кохезија на ЕУ и вредностите на кои се темели, како и влијанието на ЕУ во регионот.
Шефот на дипломатијата Османи, во интервју за „Агенција Европа“ изјави дека отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија ќе и овозможи на ЕУ да го задржи својот кредибилитет во регионот, кој во моментов е под притисок.
Ново на Сител
-
Во Скопје има 180 пожарникари, а потребни се над 450 - Подобри услови ќе бараат од новата Влада
-
Преглед на вестите од светот
-
Европската комисија повикува на почитување на Преспанскиот договор
-
Се одбележува 20 мај - Денот на пожарникарите
-
Стабилна состојба на работникот, кој се здоби со тешки повреди во лифт во штипски угостителски објект
-
Високиот крвен притисок причина број еден за смртни исходи
-
Преглед на вестите од светот
-
Тема на денот со Џевдет Хајредини