По 18 пат во чест на Тоше маратонците го истрчаа Меѓународниот ултра маратон од Нова Градишка до Крушево
По 18 пат во чест на Тоше маратонците го истрчаа меѓународниот ултра маратон од Нова Градишка до Крушево. 12-те маратонци истрчаа 900 километри, а во Крушево беа традиционално пречекани со рози.
„Се заблагодарувам на сите 12 учесници што стигнавме тука да ја оддадеме последната почит за Тоше, за нивната жртва во вечерните часови и борбата со асфалтот“, рече Наум Капрически, маратонец.
Годинава свој настап во неговиот Спомен дом имаа голем број учесници како дел од фестивалот „Песните на Тоше Проески“ кој се одржува во Крушево и Битола.
„Интересно е да се слушнат сите овие талентирани учесници како ги изведуваат песните од Тоше. Оваа година имаме учесници од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Бугарија“, вели Марјан Катароски, организатор на Меѓународен фестивал „Песните на Тоше Проески“.
Учесниците на настанот велат дека Тоше со својата музика, лик и дело има огромен импакт врз целиот Балкан.
„Добар поздрав, дојдовме од Словенија на фестивалот и овде е многу убаво. Го слушаме Тоше во Словенија, таа го пее неговите песни“, вели Неа Пауловиќ, гостин од Словенија.
„Не знам дали постојат зборови кои можат да објаснат колку тој направи и какво влијание имаше врз културата, уметноста не само во Македонија, туку и поширокиот регион, а подалеку“, кажа Стеван Феди, гостин од Црна Гора.
Спомен домот останува и понатаму најпосетениот музеј на Балканот со над неколку милиони посетители досега.
„Ние поседуваме над 1.000 негови работи од личниот живот на Тоше изложени во музејот. Еден период ги менувавме, но од причина да се заштитат сега овој период не ги менуваме толку често како што беше претходните години“, истакна Зоран Николоски, директор на Спомен дом „Тодор Проески“.
Овој музеј останува достоен чувар на неговиот лик и дело, каде во текто на годината се одржуваат голем број на културни настани.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар