Живот
9. December 2015 - 10:12

Планините го чуваат квалитетот на живеењето

Со традиционална планинарска акција на Матка, во недела на 13 декември, Македонија ќе се приклучи кон светското одбележување на Меѓународниот ден на планините – 11 декември. Востановен во 2003 година од Генералното собрание на Обединетите нации, откако ОН ја прогласи претходната 2002 за меѓународна година на планините со укажување на потребата за постојано освестување за големото значење на планините и одржливиот развој на нивната околина за зачувување на квалитетниот живот на населението.

Во организација на македонската Федерација на планинарските спортови планинарите од планинарските друштва од земјава како и сите вљубеници во природата и чистиот воздух ќе имаат можност да се дружат и заедно да ја поминат планинарската патека Скопје-Водно-Матка, да се искачат од манстирот Света Богородица на Свети Спас и Света Недела, оттука да слезат до Свети Андреја и да испешачат до манастирот Свети Никола Шишевски, со еден збор да уживаат во раскошното и раритетно природно и културно наследство на кањонот Матка. Воедно, со масовното присуство целта е да се зголеми важноста на планината за секојдневниот живот и да се придонесе кон создавање на партнерства кои ќе донесат позитивни промени во нивната заштита.

 

Стил на живеење

За планинарењето, професионално и рекреативно, велат искусните, потребна е волја, кондиција, подготвеност на труд, пот, можеби и по некој плускавец, додека тоа не стане разонода со вкус на зависност. Престојот и прошетките на планина, како и самото планинарење кај луѓето во земјава има одредена традиција, но далеку во својата масовност како во Словенија, Бугарија или Хрватска, на пример, чии градови во викендите се буквално полупразни бидејќи луѓето се на планина. Но, радува што планинарењето во последниве години станува се попопуларно и претендира да стане стил на живеење. Особено кај новите генерации кои во трката со времето, се повеќе чезнеат по мирот и чистотата на планините кои мамат, инспирираат и ги навлекуваат љубителите на природата на својата божественост и чист воздух.

Во пораката „бидете дел од планината, таа богато ќе ве награди“, се препознаваат придобивките од пешачењето во природа, кои се и медицински потврдени. Имено, идеален резултат на пешачењето е токму одржување и подобрување на севкупната психофизичка кондиција. Движењето и искачување на планините ги зајакнува мускулите и ја зголемува подвижноста на зглобовите. Го зајакнува имунолошкиот систем, позитивно делува на работата на срцето и крвните садови и го зголемува транспортот и снабдувањето на крвта со кислород. Ја подобрува размената на материите во организмот, ги намалува маснотиите во телото, а исто така и телесната тежина. Позитивно влијае и врз психологијата, релаксира, ослободува од стрес, ги потикнува позитивните емоции и ја зајакнува самодовербата. Воедно влијае и на социјалниот дел од животот, овозможува создавање на нови познанства и пријателства. Покрај тоа, движењето низ планините отвара нови хоризонти, ја зајакнува врската со природата и го менува менталниот склоп. И ако на ова се додаде дека планинарењето е спорт во кој се победуваш себе си, нема дилеми за изборот.

 

Првиот чекор е добра опрема, пред се чевли, и на планинска авантура, прво од Шара. Ако сакаш негде да стигнеш, помини ја Шар Планина и нема да имаш никаков проблем. Во било кои услови. Никогаш не е едноставно, никогаш не е лесно. Има и убавина да видиш, меѓутоа ќе ги осетиш сите потребни работи што ќе ти се случат на било која планина која што ќе отидеш и ќе можеш искуствено да реагираш и да се снајдеш во било каква ситуација, се советите на планинарите. Потоа, велат тие, може да се планинари и на потежок терен. Крајниот резултат, без исклучок е – наполнети батерии, задоволство од себе и пријатна вчудоневиденост и изненаденост од убвините на Македонија.

 

Земја со примамливи врвови

Со околу 40 планини од кои 12 се повисоки од 2.000 метри, Македонија е интересна дестинација за домашните и странски планинари. Дури, ниту една држава во Европа, нема толкав број на самостојни планински целини и планински масиви во однос на својата површина. На сите овие планини има околу 260 впечатливи планински врвови, од кои 85 со висина од над 2.000 метри надморска височина.

Меѓу нив, посебно се истакнуваат 10. врвови кои се воедно и меѓу највисоките во земјава: Голем Кораб (2.753 м), Титов Врв(2.747 м), Пелистер(2.601 м), Солунска Глава (2.540 м), Кајмакчалан (2.520 м), Голем Крчин (2.341 м), Црни Врв (2.257 м), Магаро (2.254 м), Зелен Брег (2.166 м) и Меденица (2.163 м ).

Инаку, првата Македонска Трансверзала е планинарска патека која се протега од Љуботен до Охрид, во вкупна должина од 225 километри и вкупна висинска разлика од почеток до крај на патеката од 6.000 метри. Трансверзалата поминува низ цела Западна Македонија, преку масивите на Шар Планина, Рудока, Враца, Бистра, Стогово, преку Караорман се до Охрид. Таа е всушност и најдолгата патека во Македонија, а веројатно е и една од потешките планинарски патеки од овој тип во Европа.

 

Поставена е во 1975 година од група планинари од Планинарското друштво „Елема" при Електро-Машинскиот факултет во Скопје. По неколкуте корекции во текот на годините конечната варијанта на патеката е поставена во 1982-83. година, а нејзиното промовирање е во јули 1985., со нејзино поминување на група од триесетина планинари од сите републики во тогашна Југославија.

Секој дел од патеката во себе крие посебна пејсажна убавина на пејзажите и спој на култура и историја. Покрај релативно големата надморска височина на првата половина од патеката чија најниска точка е на 2.100 метри а просечната 2200, убавината на трансферзалата е што поминува непосредно покрај 5 од многубројните планински езера, кои само на Шар Планина ги има 15. Овде често можат да се сретнат и групи ботаничари кои претстојуваат тука привлечени од растителниот свет кој успева само во овие предели. На вториод дел од трансферзалата оставаат без здив богатите шумски предели и брзите планински реки кои во каскади се спуштаат низ падините формирајќи безброј водопади. Посебно интересни се селата низ кои се минува со стара македонска архитектура, специфична за овој дел на Балканот. Како круна на се е прекрасното Охридско езеро и градот Охрид, со своите многубројни цркви со богато фрескосликарство и историја на древен град со прв универзитет и почетоци на Словенската писменост и култура во светот. Доволно впечатливо да го разбуди интересот на планинарите од Балканот кои организирано ја минуваат транферзалата и им се препуштаат на убавините на пределот.

Кети Мицковска