Свет
12. March 2016 - 11:51

Пјонгјанг и се заканува на Јужна Кореја дека ќе ја „ослободи“

Северна Кореја денеска соопшти дека нејзината војска е подготвена за превентивен напад за да го „ослободи“ југот на корејскиот полуостров, доколку процени дека американските и јужнокорејските трупи, во моментов ангажирани во воени маневри, имаат намера да извршат инвазија на нејзина територија.

Соопштението од Генералштабот на севернокорејската армија до државните меидуми е најновата реакција на Пјонгјанг на маневрите почнати во понеделникот, откако веќе упати закана за „превентивен нуклеарен удар“ на Вашингтон и Сеул.

Севернокорејската армија оценува дека на маневрите, кои според неа имаат за цел напредување кон Пјонгјанг, ќе се спротивстави со својот план за „ослободување на цела Јужна Кореја, вклучувајќи го и Сеул“.

Во Пјонгјанг тврдат дека се во можност да изведат и „исклучително прецизен блиц-криг“ на напријателски цели.