Македонија
13. May 2024 - 12:18

Петто 4х4 рели во Крушево

Во изминативе 4 дена се одржуваше 5-тото по ред издание на „Macedonian 4×4 trophy“ кое годинава по втор пат се одржа во Крушево. Ова е единствен настан од ваков тип во државава кој предизвика огромен интерес како кај натпреварувачите кои ги имаше од целиот Балкан, така и кај публиката која дојде во Крушево од цела Македонија да го гледа овој спектакл. Годинава настанот траеше еден ден повеќе за разлика од лани, но и исто така стазите беа потешки за натпреваривачите.

„Претежно сите натпреварувачи доаѓаат од далеку и тие се дојдени да се тркаат, да возат и затоа додадовме еден ден плус. Стазите беа многу тешки, но колку потешки стазите во овој спорт, толку поголема возбудата и задоволството кај натпреварувачите. Мислам дека веќе оваа трка прерасна во најдобрите 3 трки на Балканот“, истакна Панчо Чупаркоски, претседател на клубот „OFF ROAD PRILEP“.

„Годинава имавме многу појаки натпреварувачи, минатата година малку фалеа, но оваа година и двете класи беа полни со многу добри возачи, можам да кажам дека го собравме кремот на Балканот. Сите останаа многу задоволни, буквално немавме ниту една замерка“, додаде Стефан Стојановски дел од организацијата на „Macedonian 4×4 trophy“.

Ова е само уште еден од бројните екстремни спортови кои се развиваат во Крушево, со што полека, но сигурно овој град станува балкански центар за алтернативниот адреналински туризам.

„Дојдоа голем број на гости и туристи, како од внатрешноста, така и надвор од државата. Ова е еден вид Балкански куп кој се одржува втора година по ред и овој викенд во Крушево се бараше место повеќе, како во хотелскиот дел, така и во приватниот смештај низ Крушево“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Организаторите за идната година најавуваат уште поинтересно издание на оваа манифестација со повеќе гости од целиот Балкан.