Македонија
24. May 2016 - 17:00

Петти филмски фестивал „WatchOut!“ во Тетово

Во организација на Центарот за балканска соработка „Лоја“, од денеска до петок во градината на Музејот на поранешната Комунистичка партија во Тетово, кој е во составот на Музејот на тетовскиот крај, ќе се одржува петтиот филмски фестивал под отворено небо „WatchOut!“.

На годинaшното издание со свои филмови се пријавиле 240 автори од 42 земји од пет континети. По процесот на претселектирање, стручното жири во состав Владимир Ангелов од Скопје, Салајдин Салихи од Тетово, и Урлиј Вигелман од Германија, избрало 27 филмови кои ќе бидат прикажани во четирите фестивалски денови. 

- Одбрани беа 27 најдобри филмови што аплицираа во три категории во кои имаме доделено награди. Во категоријата анимиран филм наградена е Вале Комбра Каналес со филмот „Ука“ од Шпанија, во категоријата краткометражни филмови награден е Микел Алварињо исто така од Шпанија со филмот „Tunning Oscar“, а во категоријата документарен филм првата награда ја доби Ханис Багашов од Тетово за филмот „Лица“, изјави Александар Стојановски од ЦБС „Лоја“, додавајќи дека првпат на фестивалот награда добива и домашен учесник.

Според Бујар Љума, директор на ЦБС „Лоја“,  „WatchOut!“ прераснал во добро познат фестивал и уникатен во регионот по својот концепт. 

- Фестивалот веќе петта година по ред се финасисра традиционално од Институтот „Гете“ во Скопје, годинава и со поддршка на Американската амбасада и партнер организацијата од Германија „Вустроу“. Петта година по ред„WatchOut!“ и шеснаесетта година по ред „Лоја“ ја исполнува празнината во градот на квалитативен начин но, за жал, досега без никаква поддршка од централни или од локални власти, рече Љума.

Фестивалот ќе биде отворен вечер во 19.30 часот во Музејот. Во случај на неповолни временски услови, прокециите ќе се одржуваат во просториите на ЦБС „Лоја“ во Тетово.