Бизнис
20. November 2015 - 8:36

Петти ден собраниска расправа за Буџетот

Собранието на Република Македонија денеска ќе го одржи петтото продолжение на 73. седница на чиј дневен ред е Дополнетиот предлог буџет за 2016 година на Република Македонија.

По завршување на расправата, пратениците треба да се изјаснат за Дополнетиот предлог буџет за 2016 година на Република Македонија. Расправата за Буџетот, согласно собранискиот деловник, трае пет дена.

Според предлогот, вкупните расходи се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176.804 милиони денари или за 6 проценти повеќе во однос на 2015 година. Се планира намалување на буџетскиот дефицит на 3,2 проценти и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестици, со цел да се поттикне развојната компоненета на буџетот. 

Капиталните расходи се проектирани на 25.092 милиони денари и се за 12,9 проценти повеќе од оние во 2015 година. Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 процента. 

На приходната страна се очекува даночните приходи да имаат раст од 6,5 проценти и да изнесуваат 101.531 милион денари, неданочните се планирани на 9.633 милиони денари и се за 519 милиони повеќе, а придонесите да имаат раст од 4,2 проценти и да изнесуваат 49.187 милиони денари. На расходната страна, покрај средствата предвидени за повисоки пензии и социјални додатоци, се предвидени средства повисоки за 3,3 проценти за платите или 25.906 милиони денари, за стоки и услуги се проектирани 19.618 милиони денари или 3,5 проценти повеќе од 2015 година, обезбедени се средства за изборите во април 2016 година, како и за трансфери. 

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи и 67.седница на чиј дневен ред е Предлог на закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година, по скратена постапка.