Македонија
13. July 2022 - 12:37

Петти ден се трага по 30-годишниот Мартин во Егејското Море

Потрагата по 31-годишниот Мартин Јовановски, кој во саботата исчезна на плажата Посиди на Халкидики, продолжува и денеска. На петтиот ден од потрагата грчките власти вклучија патролен чамец на крајбрежната стража, а по Мартин трагаат и волонтери – спасувачи. Грчкиот портал “Вориа“, објави дека во операцијата учествуваат и два воздишни дрона и куче спасувач со дресер.

Вчера во операцијата беше активиран и подводен дрон, но акцијата не даде резултат.

И покрај изминувањето на рокот од четири дена според грчките закони, потрагата по исчезнатото момче продолжува и денеска на барање на македонското МНР.

 “Сѐ што сакам е да го најдете моето дете” е изјавата на мајката на исчезнатиот македонски турист која ја пренесуваат грчките медиуми, а во која таа апелира до спасувачите на волонтерската служба да не престанат да бараат ниту една минута.

Исто така, братот на Мартин во објава на Фејсбук вчера порача „иако поминаа четири дена, не губиме надеж и продолжуваме да бараме“.

Тој меѓу другото се заблагодари на конзулатот на земјава во Солун за координирање на истрагата и на спасувачите за постојаната помош во потрагата на отворено море.

Првиот човек на спасувачката служба, пак, нагласи дека спасувачите вложуваат натчовечки напори да го најдат момчето и да го вратат кај неговото семејство.

Вчера од болница беше отпуштен 30-годишниот Иван, кој помина околу 20 часа во морето пред да биде спасен.

Спасувачката акција почна во саботата попладне откако тројцата пријатели на плажата во Посиди влегле во морето, но биле повлечени од силните морски струи.