Македонија
13. July 2022 - 16:46

Петти ден потрага по Мартин - ќе продолжи ли и утре?

Петти ден потрага по Мартин Јовановски, но денеска со намален интензитет. Во нова објава на социјалните мрежи, братот на исчезнатиот македонски турист ја сподели последната фотографија од Мартин, со апел да се зголемат ресурсите во потрагата.

„Ова е сликата направена од денот на исчезнувањето на мојот брат. Потрагата се уште е во тек меѓутоа со многу намален капацитет. Потребна ни е поголема покриеност од воздух, копно и вода. Доколку некој има било каква информација и е во можност на било кој начин да помогне во потрагата по мојот брат слободно исконтактирајте ме. Ве молам споделете ја фотографијата за волонтерите што помагаат да имаат појасна слика“, пишува братот на Мартин.

“Сѐ што сакам е да го најдете моето дете” е изјавата на мајката на исчезнатиот Македонец која ја пренесуваат грчките медиуми, а во која таа апелира до спасувачите на волонтерската служба да не престанат да бараат ниту една минута.

А според шефот на спасувачкиот тим, се прават натчовечки напори тој да биде пронајден и да биде вратен кај неговото семејство. Грчките медиуми пренесуваат дека на петтиот ден од потрагата, момчето се бара со патролен чамец на крајбрежната стража, волонтери – спасувачи, а во операцијата учествуваат и два воздушни дрона и куче спасувач.

Вчера во операцијата беше активиран и подводен дрон, но акцијата не даде резултат.

Потрагата по Мартин денеска продолжи по барање на македонското МНР, бидејќи според грчките закони таа може да трае најмногу четири дена. Но од Министерството не можат да потврдат дали официјално ќе побараат продолжување на спасувачката операција.

Вчера од болница беше отпуштен 30-годишниот Иван, кој помина околу 20 часа во морето пред да биде спасен, а претходно прв беше најден 25-годишниот Васил, кој беше лоциран од крајбрежната стража.

Спасувачката акција почна во саботата, откако тројцата пријатели на плажата во Посиди влегле во морето, но биле повлечени од силните морски струи.