Македонија
14. April 2022 - 16:33

Петков во сабота ќе го отвори Бугарскиот културен клуб во Битола

Просториите на Културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола денеска се расчистуваа и се подготвуваа за најавената посета на премиерот на Бугарија Кирил Петков. Членовите на клубот кои ги затекнавме не можеа да ни потврдат за агендата на високата бугарска делегација предводена од Петков, но потврдија дека во сабота тој ќе го посети нивниот клуб.

-Планирано е бугарскиот премиер да ги отвори новите простории на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Истиот клуб пред две години организираше промоција на книги на која присуствуваше поранешниот вицепремиер и министер за одбрана Каракачанов.

Исто така, името на овој клуб беше актуелно пред два месеца кога заради лични проблеми на секретарот на клубот, за малку ќе настанеа меѓудржавни проблеми.

Инаку, бугарскиот премиер Кирил Петков заедно со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова на 16 април ќе бидат во Битола, а се спомнува и името на поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Од владата го потврдија нивното доаѓање од каде велат дека се договара и официјална средба со бугарскиот премиер. Покрај на настаните во организација на бугарската амбасада, се најавува и нивно присуство и на настан за новопланираниот далекувод што ќе ги поврзува Битола со Елбасан.