Македонија
2. April 2022 - 17:49

Петков: Руските агенти работеле против добрососедските односи на Северна Македонија и Бугарија

 – Агентите што беа откриени како руски шпиони во бугарската Државна агенција „Национална безбедност“ (ДАНС), работеле против добрососедските односи на Бугарија со Северна Македонија и со Западниот Балкан, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за софиски „24 Часа“.

– Тука треба сите да се замислиме зошто руската држава инвестирала средства преку нејзината шпионска мрежа за таа цел, вели Петков.

Според него, сите треба да се запрашаат дали долгорочен бугарски интерес е Северна Македонија да стане дел од ЕУ или да „остане една исклучена земја“.

– Според мене тоа се важни прашања за кои треба да се замислиме, уште повеќе кога има тенденција дека некој работи против тоа. Дали навистина бугарски интерес е Република Северна Македонија да се оддалечува од членство во ЕУ или пак тоа е руски интерес, кој не сака да го види целиот Балкан стабилен и дел од Европа, истакнува Петков за „24 Часа“.

На истата тема во интервју за телевизијата бТВ, Пеков нагласи дека е очигледно оти има руско мешање во Бугарија поврзано со Западниот Балкан и Северна Македонија.

– Во овој скандал станува збор за руски интереси. Луѓето кои беа вмешани работеа во многу специфичен правец, а тоа е Западниот Балкан да нема европска иднина и нашите односи – односите меѓу Република Северна Македонија и Бугарија, да не бидат толку пријателски, какви што би сакале да бидат како меѓу едни добри соседи, вели Петков за бТВ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, против двајца службеници на бугарското контраразузнавање и еден вработен во неименувано Министерство, се води истрага за шпионирање во полза Русија.

Бугарија веќе го прогласи првиот секретар на Руската амбасада во Софија за персона нон грата, откако бугарското Јавно обвинителство го информираше Министерството за надворешни работи дека дипломатот вршел разузнавачки активности во Бугарија.

Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, Бугарија во март протера 12 руски дипломати, кои во земјата вршеле активности кои не се во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи.