Петков: Бугарските барања станаа европски
Одличен пет за работата на бугарското МНР на францускиот предлог, со кој барањата на Софија станаа европски барања. Оценката ја даде премиерот во оставка Кирил Петков, коментирајќи ги преговорите со Македонија за времето додека беше шеф на бугарската влада.
Во интервју за БТВ, Петков го задржа ставот дека темата Македонија служела за одвлекување на внимание од вистинските проблеми, а имаше само пофални зборови за бугарската дипломатија.
„Тука треба да дадам голем кредит на Министерството за надворешни работи, дури и на министерката Генчовска од ИТН, но и на голем дел од мојот тим, што францускиот предлог е исклучително добар и со него бугарската позиција стана европска позиција. И во моментов во Македонија им е многу тешко да го прифатат, но ќе сфатат, треба да сфатат дека ако сакаат да се развиваат, европскиот пат е единствен пат. Ужасно би било Албанија да го продолжи патот кон ЕУ, а Македонија да остане”
Компромис, кој содржи вродена блокада на патот на Македонија кон ЕУ. Ова е гледиштето на претседателот Пендаровски за францускиот предлог, објавено во грчки “Етнос”. Шефот на државата во интервјуто не е оптимист дека ќе се најдат потребните две третини во Парламентот за промена на Уставот, но сепак смета дека предлогот треба да биде прифатен.
„Веќе го нареков како еден вид транзиционен компромис со една вродена блокада на патот. Имено, ќе ги отвориме преговорите, а тоа е најголемата придобивка од модифицираниот француски предлог, започнување на преговорите по 17 години чекање. Но, по скрининг- процесот, постои еден предуслов за продолжување на преговорите, а тоа е измена на Уставот за да се вклучат Бугарите во него. Имајќи ја предвид нашата длабока политичка поларизација, мали се шансите некој политички субјект да може да собере две третини од парламентарното мнозинство за да ги поддржи промените”, вели Пендаровски.
Двете најголеми македонски партии не го пропуштија денот за нови меѓусебни обвинувања. Билатералниот протокол се крие, владата е подготвена за национално предавство, обвинија од ВМРО ДПМНЕ.
„Затоа и го кријат протоколот со кој се бугаризира Македонија, се бугаризираат македонските херои и со кој на Бугарија и се дава можност да се повикува на документ со кој самите ќе се согласиме да се бугаризирамe. Иако најавија дека ќе го објават, иако бугарската министерка за надворешни, Генчовска јавно кажа дека протоколот е потпишан, сепак македонското МНР го крие протоколот од јавноста”
За СДСМ, пак, е нејасно зошто опозицијата се противи на предлогот. Велат дека Мицкоски веќе еднаш прифатил внесување на Бугарите во уставот, а за тензичните протести тврдат дека се сценарио на опозицискиот блок.
„Која е поврзаноста на политичкиот дезертер од Армијата, Драган Ковачки со овие настани? Дали токму Ковачки ја коорднирал група на поранешни припадници на Армијата во ова крваво сценарио? Сите надлежни институции се повикани на брза и одговорна постапка и одговор на сите прашања. Откако нивните мрачни сценарија не успеаја, Мицкоски да си ги прибере пиштолџиите и да се откаже од насилството”
А во меѓувреме, од Бугарија доаѓаат и други, недобрососедски тези. Поранешната соработничка на Комисијата за надворешна политика на бугарското Собрание тврди дека Македонија нема да избегне федерализација, дури и да влезе во ЕУ.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
