Петар Рупески четврти пат го извади крстот од осветените води на Охридското Езеро
Дваесет и седумгодишниот Петар Рупески од населбата Варош беше најсреќен меѓу неколкуте стотини верници кои денеска влегоа во студените води на Охридското Езеро, осветени на големиот христијански празник Богојавление - Водици, денот кога во реката Јордан Свети Јован Крстител го покрстил Исус Христос.
Рупески кој веќе четврти пат го фаќа Чесниот крст рече дека минатата година била една од најсреќните во неговиот живот.
- Во четири години трипати го фаќам крстот, заедно со мојата тајфа и од Варош ја продолжуваме традицијата. Минатата година беше една од најсреќните во мојот живот, посакувам на секој мој близок и на секој верник да му се случи таква среќа, порача Рупески по излегувањето од вода.
На чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро што го спроведоа великодостојници на Дебарско-кичевската епархија присуствуваа десеттина илјади луѓе, православни верници од Охрид и од други делови на Македонија, но и гости од странство, меѓу кои и делегации на збратимените градови на Охрид.
Прославувањето на Богојавление во Охрид продолжува на локалитетот Сараиште каде традиционално се спроведува масовно крштевање во водите на езерото.
Празнувањата по повод Богојавленскиот водосвет во Охрид традицонално продолжуваат и утре, со славењето на празникот Свети Јован Крстител или во градот уште познат како Денот на рибарите, вид потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Во поново време на овој ден се одбележува почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест.
Манифестацијата оваа година ќе се одржува на локалитетот „Сараиште“, а целиот настан што е атракција за туристите кои доаѓаат во Охрид, ќе биде збогатен со традиционалната подготовка на рибна чорба, пача, греана ракија и вино за посетителите, како и музичка програма за која оваа година ќе биде задолжен Ансамблот на староградска музика „Билјана-јуниор“.
Ново на Сител
-
Четворица обвинети за инцидентот со пукање со пиштол во Чаир во кој едно лице беше рането
-
Судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува на 27 јануари
-
Косовец се обидел да пренесе 48.000 пара чорапи преку Блаце
-
37-годишник загина во пожар во сопствената куќа во Делчево
-
Скопје без парно, родители добиваат повик да си ги земат децата од училиштата и градинките
-
„Не апсеа и казнуваа по 173 евра за знамето со сонцето од Кутлеш“, сведоштва на македонски навивачи во Вараждин
-
Поскапуваат горивата
-
Вонредна инспекција во прилепската болница по смртта на новороденчињата близначиња