Пет ученици се хоспитализирани од О.У „Димо Хаџи Димов”, причината за симптомите ќе се знае утре
Расте бројот на хоспитализирани ученици на Детската клиника од основното училиште Димо Хаџи Димов. Директорот вели, денеска се примени уште три нови деца, со силни болки во стомакот, дијареа и повраќање, а некои и со покачена телесна температура.
Но што е причината за лошата здравствена состојба кај децата се уште не се знае. Потребни се 48 часа од земените примероци да може да се утврди дали е труење, вирус или нешто друго. Се земале мостри од храната, млеко, мусли, кроасан и мусака со месо. Примероци се земени од водата во училиштето од шест места. На едно место физичко хемиската анализа за водата не излегува од параметрите но се чекаат микробиолошките резултати. Речиси половина од децата пак кои ги имаат симптомите не јадат во кујната. Првичните резултати ќе бидат готови утре, вели директорката на ИЈЗ.
Според градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски станува збор за 30 деца кои ги пријавиле овие симптоми, а имало и кај повозрасните. Големата отсутност во училиштето се должи или поради превентивни мерки или поради други здравствени причини кај учениците.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство денеска направија вонредни инспекциски надзори во повеќе училишта во општина Карпош.
Инспекциски тимови на АХВ денес, спроведуваат вонредни инспекциски контроли во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопансисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магазин кој се наоѓа во основното училиште Димо Хаџи Димов во Скопје и од каде се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна.
Во рамки на вонредните контроли во овие училишта каде нема деца кои појавиле симптоми на труење со храна, се земаат мостри од храна и од работните површини за лабораториско тестирање.
Наставата во основното училиште Димо Хаџи Димов денеска тече непречено.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
