Свет
5. јуни 2016 - 11:29

Перуанците избираат нов претседател на државата

Околу 23 милиони перуански гласачи денеска треба да изберат нов претседател на Перу, во втриот круг од претседателските избори.

Во трката за местото шеф на државата е 41-годишната Кеико Фухимори, ќерка на поранешниот перуански претседател Алберто Фухимори, која е кандидат на десничарската популистичка партија Народна сили (ФП), и 77-годишниот поранешен министер за финансии и за енергетика Педро Пабло Кучински од либерално-конзервативната партија Перуанци за промени (ППК).

Во првиот круг од претседателските избори, одржан на 10 април, Фухимори освои 39,86 отсто од гласовите, а Кучински 21,05 проценти. 

Како што јави ДПА, анкетите на јавното мислење покажуваат дека Фухимори би можела да освои меѓу 50,3 и 51,6 отсто од гласовите, додека Кучински меѓу 48,4 и 49,7 проценти. 

Поради малите разлики во политичките ставови на двајцата кандидати, предизборната кампања во голема мера беше фокусирана на контроверзното наследство на таткото на Кеико, Алберто Фухимори, кој беше претседател на Перу од 1990 до 2000 година. Алберто Фухимори во моментов се наоѓа во затвор, каде отслужува 25-годишна казна под обвинение за корупција и кршење на човековите права.     

На обвинувањата на Кучински околу политиките на татко и, Кеико Фухимори возврат со тврдења дека нејзиниот противкандидат работи во интерес на големите корпорации, а не на народот.