Македонија
19. October 2024 - 11:05

Перински: Нема законска можност општините да финансираат Албанска академија на науките

Министерот за локална самоуправа Златко Перински во интервју за МИА, коментирајќи ги најавите на четирите општини Тетово, Гостивар, Желино и Чаир дека ќе го финансираат работењето на здружението Албанска академија на науките и уметностите, вели дека законска можност за такво нешто нема.

Според Перински, посоодветно е локалните самоуправи да работат на зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, а не да одвојуваат средства за нешто коешто едноставно нема да има функција во годините што следат. 

- Во суштина тоа е строго опишано во Законот за локална смаоуправа во членот 11 кој вели дека приходите на локалните самоуправи треба да се трошат исклучиво за надлежностите кои се утврдени согласно Законот што во превод значи дека Законот сака да каже дека сите средства што општината ги колектира по било кој основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет и треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие здруженија и невладини организации треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои што значи дека ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема, истакнува Перински. 

Посочува и дека академиците од Македонската академија на науките и уметности, кои се од другите етникуми, јавно кажале дека пристапот е погрешен.

-Несоодветно е да се генерираат проблеми таму каде што ги нема бидејќи имаме други реални проблеми што треба на дневна основа да ги решаваме и како централна, но и како локална власт, вели Перински.