Пентагон повлекува 2.000 припадници на Националната гарда од Лос Анџелес
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, нареди повлекување на половина од 4.000 припадници на Националната гарда, кои беа распоредени во Лос Анџелес за да го заштитат федералниот имот и персоналот за време на серијата протести минатиот месец, соопшти вчера Пентагон.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека одлуката е донесена поради успешноста на мисијата.
- Благодарение на нашите војници кои се одзваа на повикот, беззаконието во Лос Анџелес се намалува, рече Парнел во изјава. „Поради тоа, министерот нареди ослободување од мисијата на 2.000 припадници на калифорниската Национална гарда“, додаде тој.
Претседателот на САД Доналд Трамп ја распореди Националната гарда на Калифорнија во Лос Анџелес во јуни, спротивно на желбите на демократскиот гувернер Гавин Њусом, со цел да ги спречи протестите предизвикани од имиграциските рации на работни места извршени од агенти на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ). Покрај тоа, на улиците на градот беа испратени и околу 700 маринци.
И покрај правните предизвици, американскиот апелациски суд му дозволи на Трамп да ја задржи контролата врз Националната гарда на Калифорнија.
Но, неговата одлука за испраќање трупи во Лос Анџелес поттикна национална дебата за користењето на војската на американско тло и ги заостри политичките тензии во вториот најнаселен град во земјата. Пентагон го оправда распоредувањето, велејќи дека заштитата на агентите на ИЦЕ им овозможува да ја вршат својата работа.
По повлекувањето на дел од воените сили од Лос Анџелес, 2000 припадници на Националната гарда ќе останат во градот, заедно со околу 700 маринци. Трупите во Лос Анџелес имаат овластување да приведуваат лица кои претставуваат закана за федералниот персонал или имот, но само додека не бидат уапсени од полицијата. Воените службеници немаат овластување сами да спроведуваат апсења.
Трамп изјави дека ќе депортира милиони луѓе од земјата и спроведе рации на работни места, вклучувајќи и фарми кои претходно беа поштедени од такви мерки во неговиот прв мандат. Администрацијата се соочи со десетици тужби низ земјата кои ја оспоруваат нејзината тактика.
Трамп сè повеќе се потпира на војската во неговите имиграциски акции. Освен испраќањето трупи во Лос Анџелес, илјадници активни војници беа распоредени на границата со Мексико, а Пентагон воспостави воени зони во пограничниот регион.
Ново на Сител
-
ЦУК: Активни осум пожари, под контрола пет и 12 изгаснати
-
Изгаснат пожарот кај делчевско Стар Истевник, на границата со Бугарија
-
Каја Шукова кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје
-
Пожар во стан на ул. „Кочо Рацин“ во Скопје - Седум лица вдишиле чад
-
Папата побара прекин на огнот во Газа за време на телефонски разговор со Нетанјаху
-
Пијан скопјанец отстранет од патот Охрид-Кичево - бил однесен во болница, па во притвор
-
Коњановски ги демантира наводите на социјалните мрежи: Казната ја платив веднаш | ФОТО
-
Рама: Секојдневно се соочуваме со кибер-напади од Иран