Loading Video...
Македонија
6. July 2024 - 16:33

Пентагон: Билатералните односи да останат надвор од НАТО

Билатералните односи да останат надвор од НАТО, а САД ќе продолжат силно да го поддржуваат Договорот од Преспа, порачува директорот за Европа и НАТО во Пентагон Бјуланд, во изјава за Гласот на Америка.

„Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“, вели Бјуланд.

На само неколку дена пред одржувањето на Самитот на НАТО, од Пентагон испраќаат порака дека земјите од Западен Балкан треба да се посветат на спроведувањето на реформите за членството во ЕУ.

– Членството во ЕУ секако е одлука на Европската Унија и нејзините земји-членки. Сепак, САД отсекогаш биле силен поборник за евроатлантските интеграции на Западен Балкан. Ние продолжуваме да ги охрабруваме земјите да ги направат потребните реформи на тој пат и да се придржуваат до меѓународните договори. Мислам дека кога постои нетрпеливост за тоа што може да биде долг процес на интеграција, тоа може да создаде можности за разочарување, и Русија и другите малигни актери да шират дезинформации и да го искористат незадоволството на народот. Значи, постои ризик дотолку повеќе што би ги охрабриле земјите да направат се` што можат за да продолжат по овој пат на евроатлантските интеграции на регионот, рече главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон.

Конкретно не даде одговор за изјавите на премиерот и претседателката кои најавија дека ќе го употребуваат уставното име на државата на официјалните претставувања, а ќе користат Македонија во нивните изјави и дома, како чин на самоидентификација.

Не е исклучено на самитот да се случи и средба на македонскиот премиер Мицкоски со грчкиот колега Мицотакис, прва откако Грција остро реагираше по изјавите околку користењето на уставното име. Додека мицкоски очекува достоинствено однесување во Вашингтон, Мицотакис најави дека Мицкоски ќе се најде во многу непријатна позиција во рамките на Самитот на НАТО доколку опстојува на оваа реторика. Но не само Грција и Бугарија најави дека ќе се однесува во оваа насока.

Самитот во Вашингтон кој ќе значи и одбележување на 75-годишнината од постоењето на Алијансата започнува во вторник, а во фокусот ќе се најде прашањето за помош на Украина но и нејзиното влегување во НАТО.

Во македонската делегација ќе ја предводи премиерот Христијан Мицкоски се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и претседателот на Собранието Африм Гаши.