Свет
22. April 2016 - 11:15

Пења Нието: Експлозијата во Веракруз е „трагичен инцидент“

Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието изјави дека експлозијата во петрохемискиот комплекс во сојузната држава Веракруз претставува „трагичен инцидент“.

Нието допатува во пристанишниот град Коацакоалкос, каде се наоѓа петрохемискиот комплекс, за да ги разгледа последиците од несреќата.

Во експлозијата што се случи вчера, доцна попладнето во погон на државната нафтена компанија „Пемекс“ загинаа 24 лица, а други 130 беа повредени.

Дваесетина од нив се задржани на лекување, од кои, според изјавите на лекарите во болниците, 13 се наоѓаат во критична состојба.

Силната експлозија за која се вели дека се почувствувала на далечина и од десет километри, како и стравот од испуштањето разни гасови, натераа неколку илјади луѓе во поблиското и подалечното опкружување на комплексот, да ги напуштат своите домови.

Домашните медиуми јавуваат дека расте гневот на роднините и блиските на загинатите кои се собираат пред влезот на петрохемискиот комплекс, барајќи винивници меѓу членовите на менаџерскиот тим.

Во еден момент, луѓето се обиделе насила да влезат во комплексот, но биле запрени од припадниците на безбедносната служба.

„Ни велат да си одиме дома, затоа што сме вдишувале отровни гасови, но ако сега заминене, тие ќе направат да исчезнат телата на нашите блиски“, им изјавила една мајка на мексиканските новинари.

Засега не е позната причината за експлозијата. Генералниот директор на компанијата „Пемекс„ рекол дека инцидентот се случил „поради истекување„ но не дал никакви други детали.

Ова не е прв ваков инцидент во некои од објектите на „Пемекс“ во последните четири години.

Во 2012 година, експлозија се случи во погон за гас на компанијата, во кој загинаа 33 лица. Една година подоцна, во експлозија во седиштето на „Пемекс“ во Сиудад Мексико, загинаа 37 лица, а пожари и ексползии овие години се регистрирани и на платформите за вадење нафта во Мексиканскиот Залив.