Македонија
12. August 2020 - 16:49

Пендаровски утре на пладне ќе му го врачи мандатот за состав на новата Влада на Зоран Заев

Лидерот на СДСМ Зоран Заев станува мандатар за составување на влада. Претседателот Стево Пендаровски најави дека утре на пладне ќе му го довери мандатот на претседателот на СДСМ.

„Зоран Заев, во име на коалицијата ,,Можеме", којашто има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информираше претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата“, информираат од кај Пендаровски.

Ваквото известување не наговестува дали Заев зад себе ја има поддршката од минимум 61 пратеник. Имено, колицијата „Можеме“ има освено 46 пратенички мандати, Заев потврди и соработка со едниот пратеник на ДПА, но се уште недостасуваат уште 14 народни избраници.

Заев изминативе денови имаше интензивни разговори со Ахмети, но од СДСМ не потврдуваат дали имаат владин договор со ДУИ,или пак, обезбедена е поддршка од други пратеници.

Од ДУИ велат договор со СДСМ нема, преговорите продолжуваат, а потегот на Пендаровски да го додели мандатот засега за нив не е пречка дури ни за за барањето на ДУИ за премиер Албанец. Од ДУИ не сакаат да коментираат ни за идејата ротирачки премиер во формат 3+1 година во корист на СДСМ.

Пред одлуката за доделување на мандатот, Пендаровски влезе во правни толкувања со претседавачот и поранешен собраниски спикер Талат Џафери дали воопшто тече рокот за доделување на премиерскиот мандат имајќи пред вид дека конститутивната седница не е завршена. Џафери тврди дека доделувањето на мандатот би било неуставно бидејки не е избран претседател на Собранието. Пендаровски пак, рече дека се консултирал со експерти и дека рокот тече бидејки се верифицирани мандатите на пратениците, а и претходно ова било пракса.

И дел уставни судии се на ставот на шефот на државата. Сепак, официјален став од Уставниот суд тешко дека ќе може да се добие бидејки претседателот на судот и еден уставен судија се позитвини на коронавирус.

Дека конститутивната седница не е завршена сметаат и од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека Пендаровски ќе му го доделува мандатот на Заев, Ахмети во исто време ќе има средба со албанските лидери која симболично ја закажа на денот на Рамковниот договор. Претходно од коалицијата на ССела и Гаши кажаа дека средби за координирање на албанските парламентарни партии се потребни, но побараа агенда за состанокот како и да се разгледа можноста тој да се одржи наредната недела.