Македонија
30. July 2021 - 20:12

Пендаровски ја менува 30 годишната традиција во прославата на Илинден

Претседателот Пендаровски ја менува традицијата за одбележување на прославата за Илинден на Мечкин камен. Политичарите ќе немаат говор, а манифестацијата ќе се одвива во попладневните часови. Измените доаѓаат во годината кога Претседателот на државата треба да има свое обраќање на манифестацијата, но наместо говор, присутните ќе погледнат само негова видеопорака во траење од две минути.

На брифинг со новинарите, претседателот Пендаровски објасни дека ја напуштиле тридецениската пракса, бидејќи како што вели, „на народот му било преку глава од говори“. Првпат, манифестацијата наместо предпладне, предвидено е да почне во 18 часот. Така, како што вели Пендаровски, на одбележувањето на празникот ќе можеле да присуствуваат и останатите државни функционери кои претходно ќе биле дел од манифестациите во Пелинце и Скопје.

-Идејата е сите политичари да дојдат во Крушево, да нема поделби и тоа да биде симболичен чин на обединување, појаснува Пендаровски.

На Мечкин камен е предвидено да присуствуваат и премиерот, собранискиот спикер, а покани добиле и претседателите на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса, Алтернатива.

Присуството во Крушево веќе го потврдиле Заев и Ахмети, кој првпат ќе оди на Мечкин камен за 2ри август, додека од ВМРО-ДПМНЕ, за Сител велат дека, традиционално, Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, ќе присуствувал на илинденска прослава во струшкото село Ташмаруништа. Апасиев, Села, Гаши се уште не одговориле на поканата од Пендаровски.

Според најавите, програмата за одбележување ќе почне со читање на илинденски пораки и Крушевскиот манифест во изведба на актерот Никола Ристановски. Во останиот дел од манифестацијата ќе настапат Влатко Стефановски, Танец, Албанскиот ансамбл и Воениот оркестар.

Пендаровски појасни дека во претпладневните часови тој ќе присуствува на црковен богослужба во црквата  а потоа ќе положи и цвеќе на Мечкин камен.