Пеколните горештини ги пресушија и изворите, Општина Виница нема доволно вода за пиење
Пеколните температури и долгиот сушен период го земаат данокот. Жителите на општина Виница се соочуваат со сериозен проблем од немање доволно вода за пиење. ЈП „Солидарност“ не може да ги обезбеди потребните количини вода за градот и околните населени места.
- ЈП „Солидарност“ од Виница се соочува со недостаток од вода во градскиот водовод и во неколку населени места. Причина е намалениот доток од река Градечка од каде што се снабдува градот Виница. Дополнително се вклучени бунарите кои помагаат во летниот период, меѓутоа немаме доволни колични за горната зона на градот кој директно се снабдува од река Градечка. Пониските делови, кои се снабдуваат од бунарите имаат, но и тоа е со слаб притисок, посебно во вечерните часови и не тоа како што треба да биде за да имаат луѓето континуирано водоснабдување, изјави Игор Спасовски, директор на ЈП „Солидарност“-Виница
Единствено решение на проблемот додека не се зголеми водостојот на реката е рационализацијата на потрошувачката.
- Ние преземаме се што можеме, штедиме максимално на вода, апелиравме до нашите корисници преку facebook профилот и web страницата водата да се користи само за најосновни потреби, меѓутоа ништо не вродува со плод, додаде Спасовски
Засега само селата на падините на планината Плачковица, кои не се поврзани со градскиот водовод, имаат доволно количини вода за пиење.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар