Македонија
14. October 2025 - 12:44

Пчеларите едуцираат, како да препознаете фабрикуван мед

Македонските граѓани медот сѐ уште најмногу го користат како лек, а не како храна. Потрошувачката е многу ниска и изнесува само 900 грама по глава на жител, за разлика од Јапонија каде еден жител годишно троши 16 килограми мед. Една од причините е што пазарот „врие“ од фалсификати кои содржат сирупи. На пчеларите им останува да ја вратат довербата кај потрошувачите, а тоа може да го сторат преку правилна едукација.

- Го гледаш ли ова меурче во теглата, како балон, ако остане долу не чини, ако се дига нагоре, тоа е знак дека е чист медот. На друг начин, со лажичето се дига нагоре како влакно, ако започне да капе во капки, тоа значи дека не е чист мед, изјави Драги Манев, пчелар од Штип

Овој проблем се провлекува со години наназад, па затоа им беше потребна и институционална помош. Граѓаните медот треба да го купуваат од пчелари со сертификат, во амбалажа со етикета, на која е впишан бројот на одгледувалиштето, односно, пчеларникот и бројот за идентификација издаден од АХВ.

- Најновите истражувања покажуваат дека фабрикуваниот мед е многу блиску до оригиналниот. Друг начин да се открие е, со палење  на лажичката со мед одоздола, ако се собере, ако стане стане како шеќер, тогаш тоа е фабрикуван мед, ако не е, само ќе се растопи, нема да карамелизира, изјави Горан Миловски, претседател на Здружение на пчелари „Пчелар 2014“- Штип

Пчеларите од Истокот на штипското шеталиште на тридневен есенски саем ги презентираа своите пчелни производи и пчеларската опрема, а медот се продаваше по дампинг цена од 500 денари.