Македонија
5. May 2025 - 16:43

Партиите забрзано се подготвуваат за изборите

Партиите влегуваат во предизборен мод. До крајот на оваа недела ВМРО-ДПМНЕ се очекува да ги формира изборните тела во партијата а СДСМ да ги промовира и првите кандидати. Во ВМРО-ДПМНЕ официјално имиња се уште нема. Лидерот најави дека 90% од кандидатите ќе ги слушнеме пред крајот на мај.

Во моментов се чини најблиску до официјална кандидатура се градоначалниците на Штип и Охрид. Интересно ќе биде и во Скопје каде за најголемата канцеларија во бараките во Парк и натаму се борат Перински и Георгиевски.

Во СДСМ велат дека ќе одат со проверени кандидати а имињата на дел од нив ќе се знаат и пред крајот на неделата. Лидерот Филипче најави дека најголемиот дел од актуелните градоначлници ќе добијат шанса за нов мандат а се чини први промоција ќе видат градоначалниците на Центар и Струмица. 

И двете партии се растрчани на терен по партиските штабови. Теренски активности има и ЗНАМ. Оттаму, до крајот на мај најавуваат формирање на градската организација за Скопје а во средината на јуни се најавува и партискиот конгрес

И додека за поголемиот дел од градоначалниците се чека на коалицискиот договор, неофицијално ЗНАМ го фиксира Куманово за својот лидер Максим Димитриевски. 

Во албанскиот политички блок работите не се толку јасни. По крајот на соработката со Таравари, Коалицијата ВРЕДИ неофицијално најави дека Касами и Ганиу ќе одат на нови мандати во Тетово и Чаир додека министерот за социјала Лимани ќе се обиде да го преземе Кичево. 

Таравари најави самостојни листи но за градоначалнички кандидатури се уште не кажал ништо.

Ништо нема ниту од ДУИ каде лидерот Ахмети веќе брифираше дека размислуваат за бојкот на изборите.