Македонија
13. February 2025 - 16:50

Партиите со различни ставови за промена на државниот грб, владата се уште нема идејно решение

СДСМ е против промена на државниот грб, според лидерот на опозицијата овој симбол ги отсликува сите хералдиски карактеристики на ова поднебје. Филипче ја повика власта да одговори дали покрај грбот ВМРО ДПМНЕ и Вреди планираат и промена на државната химна.

„Ние сметаме дека државниот грб сосем соодветно ги отсликува сите хералдиски карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и од придобивките на Народноослободителната и антифашистичка војна, нема никаква поделба во однос на етнички групи. Доколку има таква иницијатива со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб“

Од ВМРО ДПМНЕ не откриваат во која фаза се разговорите, велат кога ќе има конкретно идејно решение ќе биде презентирано пред јавноста. На негодувањата од СДСМ велат дека не ни очекуваат од нив да се сложат за било која тема.Од ВМРО ДПМНЕ не одговорија дали покрај државниот грб, ќе се разговара и за промена на државната химна.

По ставот на Вреди, позициите на коалицијата денеска ги повтори и Биљал Касами кој рече дека се подготвени да разговараат за еден поширок пакет на уставни измени.

„Спремни сме да зборуваме за предлог каде секако ќе се разгледува грбот, прашањето за химната, но и прашањето за други уставни измени поврзани со унапредувањето на албанските права или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот, како јазик на 20 отсто.“

Либерал демократите предлагаат Рисот да биде симболот на државниот грб, кој е насликан и на металната петденарка и на националниот фудбалски дрес. А доколку и тие се водат само по  своите партиски позиции, велат  во тој случај би го предложиле соколот.

„Тоа е симбол кој со ништо нема да потсетува на било која соседна држава и да создаде проблеми. Прифатлива е само уникатност, посебност, новина, свежина, иднина и заштита на своето – како што е Балканскиот рис, кој потекнува од Шар Планина, е ретко и заштитено животно, и е еден од нашите национални државни симболи“

Од ДУИ два дена не одговараат на прашањата дали тие поддржуваат промена на државниот грб и какви се нивните позиции.

Ова прашање го отвори премиерот Мицкоски, кој рече дека со владините партнери разговарале за промена на националниот симбол.

Инаку последен пат обид за промена на државниот грб имаше во 2014та од тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, кога како идејно решение беше понуден црвен разгневен лав, во златно жолт штит и круна  во форма на тврдина. За промена на државните симболи потребно е двотретинско мнозинство во парламентот.