Македонија
8. May 2019 - 16:03

Партиите останаа на црвените линии за СЈО - нова средба во петок

Нема решение за тоа дали и кој треба да ги работи предметите на Специјалното јавно обвинителство што беа отворени по истекот на мандатот на 30 јуни 2017 година. Преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за обивнителство повторно се без успех како и пред претедателските избори.

Нов обид за да се усогласат ставовите минситерката за правда Рената Дескоска од името на власта и адвокатот Тони Менкиноски за опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе направат во петок. Дескоска вели клучните разлики остануваат, но остануваат и црвените линии на власта – да нема скриена аменстија.

Опозицијата пак, и понатаму е на ставот дека предметите на СЈО отворени по истекот на мандатот се незаконски.

Специјалната обвинителка Катица Јанева, пак, е  оптимист за процесот и смета дека клучните разлики околу статусот на СЈО се надминати.

Во однос на предметите кои ќе бидат предмет на работа во СЈО или во редовното обвинителство, во тој дел ќе почекаме да видиме како ќе биде конечното решение. Верувам дека ќе биде поволно, со оглед на тоа што јас неофицијално сум го слушнала. Доколку се формира одредена група на обвинители кои ќе утврдуваат кој предмет кој ќе го работи. Задоволно сум од тоа што можеби разговорите нема да бидат слушани, но сепак има простор да бидат анализирани од страна на судот, односно ќе бидат дел од доказите доколку има предмети и во суд...

Официјално специјалната обвинителка не е дел од преговорите, а се надева дека неизвесниот период брзо ќе заврши. Јанева смета дека не треба да има кадровски промени во тимот на обвинителството и дека заслужуваат уште еден мандат.

Власта и опозицијата од март преговараат за новиот закон за обвинителство што е клучен и за евроинтеграциите. На маса е предлогот на министерството за правда предметите на СЈО по јуни 2017 година да бидат преземени од редовното обвинителство преку комисија што ќе ја предводи државниот јавен обвинител.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на тоа дека СЈО треба да продолжи со работа единствено како одделение во обвинителството за организиран криминал и корупција. Власта пак, вели тоа да продолжи со самостојна работа во рамките на републичкото јавно обвинителство.  За сметка на тоа се зборува дека ќе се намалат ингеренциите на обвинителството за организиран криминал и корупција. Но, обвинителката на ова обвинителство Вилма Рускоска не сака да ги коментира деталите од преговорите. Ќе чека законот да биде изгласан во Собранието.