Бизнис
4. January 2020 - 8:35

Паркови и инфраструктура приоритет лани, годинава 33 екоавтобуси за скопјани

Втора фаза од проектот за пробивање и изградба на булевар „Христијан Тодоровски-Карпош“, од улицата „Натанаил Кучевишки“ до обиколница, изградба на булевар „Босна и Херцеговина“, од крстосницата со булевар „Словенија“ до раскрсницата со улиците „Бутелска“ и „Кемал Сејфула“, прва фаза од проектот за изградба на булевар АСНОМ, каде што се проширува булеварот од крстосницата со булевар „Србија“ до улица „Васко Карангелески“ (хотел „Русија“), проширување на булевар „Никола Карев“ („Пластичарска улица“) се само дел од проектите што Град Скопје почна да ги реализира во текот на 2019 година.

Од Град Скопје велат дека е тешко да се набројат сите проекти и оти како никогаш досега се работи на подобрување на сообраќајната инфраструктура во главниот град.

Во декември почна првата фаза од проширувањето на булеварот „Никола Карев“, познат како улица „Пластичарска“ во должина од околу 1.500 метри, и тоа во делот од клучката кај Бит-пазар до влезот во каснарната „Илинден“. За изведбата на овој проект, како што соопшти Град Скопје, се предвидени 74.306.818 денари, а согласно договорот рокот за изведба е шест месеци.

Во овој дел, како што информира на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, целосно ќе биде изведена досега непостојна атмосферска канализација и истовремено ќе биде извршена и целосна реконструкција на подземните инсталации. Шилегов се надева дека кон крајот на март или средината на април првата делница ќе биде готова.

– Ќе добиеме современа сообраќајница, која ќе има четири сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека по два метра од двете страни и во делови каде што тоа го дозволува сегментално ќе имаме и средишно булеварско зеленило со тоа што влегуваме во целосно решавање на овој горлив проблем, кој повеќе децении го мачи нашиот град, рече Шилегов.

Паралелно со сообраќајниците, Град Скопје работи и на подобрување на велосипедската инфраструктура во градот, каде што во текот на 2019 година се реконструираа постојни и се изградија нови велопатеки во должина од околу 16 километри.

Од Град Скопје велат дека 2019 година ќе остане запаметена и по двата нови паркови во Малиот ринг, и тоа новиот парк „Ибни Пајко“, како и Зелениот покрив на ГТЦ.

На левата страна на Вардар, во срцето на некогашното Пајко Маало, веднаш зад Националната филхармонија, на површина од околу 11.000 квадратни метри, во јуни беше отворен новиот градски парк „Ибни Пајко“.

– Градот е особено горд на фактот што за подигнувањето на паркот се потрошени точно нула денари, преку посебни јавни набавки. Зеленилото, патеките и урбаната опрема што ги гледате тука се одвоени од редовните програми на Градот и јавните градски претпријатија, а мал дел од нив се донација од општествено одговорни компании, нагласи Шилегов.

Во паркот беа засадени нови 85 садници во дрвореди, беа изградени пешачки патеки, сервисна улица збогатена со улична уметност, а беше поставена и функционална урбана опрема. Пристапите кон паркот беа обезбедени со рампи за велосипеди или колички на сите негови влезови, а паркинзите за велосипеди и сервисната станица беа поставени на осветлено место под видеонадзор за подобра заштита.

На патеката по должината на булеварот „Гоце Делчев“ беше засадена жива ограда за да го штити паркот од прашината и од бучавата на возилата, а во паркот се засадени вкупно 7.500  квадратни метри трева со прскалки и системи за наводнување, кои работат на принципот „капка по капка“.

Зелениот покрив на Градскиот трговски центар (ГТЦ) на кој се засадени 3.656 дрвја од над 60 вида беше отворен во ноември по неколкумесечна работа на Град Скопје заедно со ГТЦ во рамките на меморандумот за соработка со УНДП за отпорен град.

Шилегов на отворањето рече дека зелениот покрив полека ќе си го заземе своето место во т.н. скопски приказни и оти на тој простор ќе се раѓаат убави спомени за нашите сограѓани. Според истражувањата, температурата на покривот ќе биде меѓу 16 и 22 степени помала од тоа што вообичаено била.

Во 2020 година, Град Скопје очекува финализација на дел од веќе почнатите проекти, нивно продолжување, како и отпочнување нови проекти.

Како што соопштија од Град Скопје, во 2020 година треба да пристигнат 33-те нови еколошки автобуси на гас (21 нископоден и 12 зглобни), каде што најголемата предност е што емитуваат значително помалку јаглерод диоксид или речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

Споредено со потрошувачката на старите дизел-автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво што, како што рече Шилегов, дополнително ќе ги намали трошоците на работењето на ЈСП „Скопје“.

– Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра годишно само за гориво. Најголемата предност е што емитуваат значително помалку  СО2 или речиси воопшто не го загадуваат воздухот, посочи градоначалникот на Скопје на прес-конференција.

Паралелно со ова, во соработка со Владата, Град Скопје работи и за воведување на БРТ (Bus Rapid Transit) на територијата на Скопје, кој претпоставува воспоставување коридори резервирани исклучиво за капацитетни автобуси на електричен или хибриден погон (автобуси на плин и електромотори).

Во 2020 година, покрај завршувањето на четирите големи булевари, очекуваат да започне и втората фаза за изградба на булеварот АСНОМ, каде што ќе започне изградбата на мостот на реката Вардар.

Град Скопје работи на изработка на нов идеен проект за изградба на Универзална сала, каде што ќе формираат комисија составена од членови на Асоцијацијата на архитекти и членови од Архитектонскиот факултет, кои ќе ги водат понатамошните постапки. Средства за овој капитален проект се обезбедени од централниот буџет и согласно термините за спроведување на сите законски постапки, очекуваат градежните активности да започнат во втората половина на наредната година.

Голем број активности и нови содржини за своите посетители се предвидени и за Зоолошката градина, каде што во 2020 година се планира изградба и пуштање во употреба на „Дино парк“, „Авантура парк“ и „Воден свет“.

„Дино паркот“ ќе биде тематски парк со забавно-едукативен карактер, кој ќе овозможи забава и едукација за посетителите од сите возрасти кои сакаат да дознаат нешто повеќе за праисториските животни. Паркот ќе се простира на површина од околу две илјади квадратни метри, а во него ќе се постават 41 фигура од различните видови праисториски животни, кои ќе бидат во природна големина и со синхронизирани движења, проследени со звуци.

„Авантура паркот“ ќе служи истовремено за забава и физичка активност за деца над петгодишна возраст. Ќе содржи реквизити со различни нивоа на предизивик – лавиринти, дрвени куќарки, јажиња со пречки и многу други интересни содржини со загарантирана безбедност. Со децата ќе работат луѓе кои се обучени за тоа, а авантуристичкиот парк е донација од Агенцијата за млади и спорт.

Во Зоолошката градина ќе биде изграден и „Воден свет“, или просторија со големи аквариуми за риби и други водни животни.

Марија Спасовска/МИА