Свет
22. February 2016 - 11:06

Парк Гуен-хје: Пјонгјанг подготвува напади врз Јужна Кореја

Јужна Кореја мора да ја гарантира безбедноста на граѓаните од заканата од терористички напади од страна на Северна Кореја, изјави денеска јужнокорејската претседателка  Парк Гуен-хје на средба со своите советници.

- Мора да сме подготвени да пружиме отпор на секакви севернокорејски провокации, истакна Парк, додавајќи дека лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун им наредил на подредените да ги насочат напорите кон подготовка на терористички и кибер напади кон Југот. 

Парк не прецизираше од каде доаѓаат овие информации и од какви напади стравува Јужна Кореја.

Претходно, како што јави Јонхап, јужнокорејската владина комисија за безбедност соопшти дека Сеул очекува масовни кибер напади од страна на Северот врз јужнокорејски институции во текот март и април оваа година.

Сите контакти меѓу Северот и Југот неодамна практично беа запрени по јануарската нуклеарна проба и лансирањето на ракета од страна на Пјонгјанг.

Престана да работи и заедничкиот индустриски комплекс Каесонг, кој беше лоциран на територијата на Северна Кореја. 

Заедно со Вашингтон, Сеул презеде активности со цел „севернокорејските закани“ да бидат сведени на минимум.