Свет
30. November 2017 - 15:20

Папата Франциско бара одлучни мерки за егзодусот на Рохинџите

Папата Франциско денеска ја повика меѓународната заедница да преземе решителни чекори за решавање на политичката криза, поради која муслиманските бегалци побегнаа од Мјанмар во Бангладеш.

Тој побара одлучни мерки за егзодусот на Рохинџите. Но, папата ниту денеска, како ни во текот на посетата на Мјанмар, не го употреби зборот Рохинџи. Тој во говорот, кој го слушаше и претседателот на Бангладеш, Рохинџите ги нарече „беглаци од државата Ракајн“.

Рохинџите, кои бегаат во Бангладеш од Мјанмар, а поради кои папата Франциско го посети тој регион оваа недела, не ни знаат кој е папата.

Рохинџи

Од речиси 900.000 припадници на оваа нација кои се наоѓаат во кампови за бегалци во Бангладеш, само неколкумина слушнале за поглаварот на Римокатоличката црква.

Кога претставници на француски медиуми им покажаа фотографии од 80-годишниот папа Франциско, некои Рохинџи мислеле дека се работи за богат крал, други пак за американска ѕвезда, додека некои претпоставуваа дека тоа е политичар од Бангладеш, а некои дека се работи за некој  муслимански функционер. 

Папата Франциско им порача на беглаците од Мјанмар да не се одмаздуваат поради нивната тешка судбина. Тој денеска ги повика државите да обезбедат итна материјална помош за Бангладеш за да може да се справи со оваа криза.