Пандов се сомнева дека криминални банди му ја запалиле куќата
Полицијата и обвинителството извршија увид во изгорената куќа на директорот на Управата за извршување санкции.
Истрагата треба да утврди дали пожарот во викендицата на Пандов во Зелениково е подметнат.
На 29.04.2025 во 18:45 часот во СВР Скопје, А.П (54) од Скопје, пријавил дека во с.Орешани, скопско била опожарена неговата викенд куќа. Повредени лица нема. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Пандов се сомнева дека криминалните банди кои ги притиснал во затворите му ја запалиле куќата. Вели дека сега е уште помотивиран да стави крај на криминалот и корупцијата која се случува во затворите.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека палењето на куќата на Пандов е обид за заплашување и замолчување, бидејќи криминалците повеќе немаат заштита од власта.
Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат.
Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата.
Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. За ваквото девијантно однесување мора да има казна.
Пандов седна на директорското место на Управата за извршување санкции во јули минатата година. Во повеќе наврати најави борба со криминалните банди, во како што кажа, затворскиот систем кој е најкорумпиран во Македонија.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар