Пандемијата полека стивнува, расте бројот на вакцинирани против Ковид-19
Бројките на новозаразени стивнуваат, а бројот на вакцинирани граѓани против Ковид-19 од ден на ден се зголемува. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вкупно се вакцинирани 241.368 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 граѓани. Според Министерството за здравство, со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години и 41 отсто од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина.
Од вчера започна и вакцинацијата на сите хронично болни пациенти и со ризик од Ковид 19, на возраст од 20 до 40 години, кои се пријавиле за вакцинација до 30 април 2021. Заклучно со утре треба да се вакцинираат лицата во ризик во кои се опфатени повеќе од 40 дијагнози или повеќе од 10 групи на дијагнози кои беа одредени како ризични од страна на Универзитетските клиники и граѓанските здруженија, како кардиоваскулаторни, респираторни, бубрежни, ендокринолошки, малигни, невролошки и останати заболувања и состојби.
Како што вчера најави министерот за здравство Венко Филипче веќе стигна информација од претставниците на „Синовак“ дека во следните седум дена може да очекуваме да стигне пратката со 500 илјади нивни вакцини.
-Оставам резерва, гледаме со што се соочуваме, меѓутоа верувам дека ова ќе се оствари, истакна Филипче.
Тој рече дека ги уфрлиле во системот 10-те илјади вакцини на „Фајзер“ кои стигнаа во понеделникот, меѓутоа очекуваат значајно забрзување на процесот на вакцинација кога ќе стигнат и вакцините од „Синовак“ и додаде дека кога ќе се исцрпат сите граѓани од списокот на пријавени веројатно пунктовите за вакцинација ќе работат и без закажување.
Во врска со вакцините „Спутник В“, Филипче посочи дека според кажувањата на амбасадорот на Русија, може да се очекува нивно доцнење.
Помош во вакцини за земјава најавија Грција и Бугарија, информираа дописниците на МИА од Атина и Софија. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред десетина дена од Брисел изјави дека Грција ја разгледува можноста билатерално да ги поддржи соседните земји со вакцини, а министерот за здравство Венко Филипче во понеделникот откри дека можеме да очекуваме 70.000 дози од вакцините, од кои 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција.
Информацијата дека Грција ќе испрати 20.000 дози од вакцините вчера ја потврди и портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони.
-Грција, во координација со Европската Комисија, како што прават повеќето европски земји за нивните директни соседи, ќе им понуди вакцини на соседните земји, 20.000 дози за Македонија и 20.000 дози за Албанија, рече Пелони.
Бугарија, пак, планира да донира до 150.000 вакцини „Астра Зенека“ на државите од Западен Балкан. Бугарскиот технички министер за здравство Стојчо Кацаров вчера информира дека Македонија, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина веќе имале пратено барања до Бугарија.
По подолго време во ковид центрите во Скопје вчера немаше нови хоспитализирани пациенти поради компликации од корона вирусот. Со тоа вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 141 од кои 58 во Скопје и има околу 430 празни болнички кревети во ковид центрите.
Вчера се регистрирани 12 нови случаи на Ковид-19 од направени 2.456 тестирања, починаа шест лица на возраст од 52 до 83 години од кои две во домашни, а четири во болнички услови. Регистрирани се и 26 оздравени пациенти. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.364, бројката на оздравени пациенти е 148.872, на починати е 5.435, а бројот на активни случаи изнесува 1.057.
Министерот Филипче порача дека после 15 јуни може да се очекуваат дополнителни олеснувања на рестриктивните мерки ако остане иста состојбата со Ковид-19 пред се на полицискиот час и на препораките за организација на другите настани.
-Нема повеќе притисок во инфективните одделенија во земјава. Следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде пред 15 јуни, а дотогаш ќе работиме со организаторите на разни настани, концерти, тоа што се планира да се организира во текот на летните месеци за да се донесат соодветните протоколи, појасни Филипче.
Ново на Сител
-
Едно лице загина, 13 се повредени во напад на руски дрон врз Одеса
-
„Ел Гол Дигитал“: Голем број ѕвезди на Реал се изјаснија за оставка на Анчелоти
-
Голема акција: Запленети 6,2 килограми марихуана, 442 таблети екстази, пиштол, куршуми
-
Палестинскиот претседател подготвен на соработка со Трамп за завршување на војната во Газа
-
МВР: Лишен од слобода криумчар на мигранти
-
Сеизмолошка опсерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер
-
Земјотрес со јачина од 2,9 степени регистриран во околината на Ресен
-
Пелоси го обвинува Бајден за поразот на Харис и демократите