Македонија
28. April 2025 - 16:35

Палевски: Ако сум убил – ќе правев алиби

Љупчо Палевски ги негираше убиствата на Вања и Панче. По три дневен распит од неговиот адвокат и обвинителството, Палевски тврди дека тој не учествувал во злосторствата. На денот на грабнувањето на Панче поправал котел во населбата Бутел, а на 27 ноември кога е грабната Вања, спиел во партискиот штаб, а потоа бил во банка. Според обвинителството, со таквите тврдења, Палевски си правел алиби.

„Ако сум убил – ќе правев алиби. Слушнавте дека сите биле под уцена од мене, се плашеле да не им ги убивам фамилиите и зошто имало потреба да одам во месноста Дупки, туку едноставно ќе сум наредел. Зошто би одел во Велес за „цитреон“ канта што е поевтин од мојот Ајфон?“, говореше во судницата Палевски.

Палевски не се согласува ниту со тврдењето дека мотив за двете убиства биле пари. Рече, криминален ум би ја убил мајката, а не Вања, бидејќи во таков случај, половина од имотот ќе го добиел обвинетиот Александар, кој во тој момент се уште бил и сопственик на најскапиот стан кој го поседувал семејството.

„Ако е користољубие, ќе имаше контакт со родителите за да се направи таа уцена, да се принуди некој да даде пари. Не само што не се случило, туку не дадовте ниту еден доказ на таа околоност“, се обрати Палевски кон Јавнто обвинителство.

И според одбраната обвинителството не успеало да докаже вина кај Палевски. Се бара и реконструкција на двете убиства.

Според обвинението, но и сведоштвата на други двајца обвинети, Палевски ги организирал грабнувањата и убиствата на Вања и Панче. Се обидел и да побегне, но тој остана на тврдењето дека заминал во Белград заради лекарски преглед. Целиот случај го смета за политички прогон.