Македонија
10. August 2016 - 15:45

Пакети помош од Куманово дистрибуирани во загрозените скопски подрачја

Вкупно 1.000 пакети вода, 150 пакети храна и приближно толку пакувања хигиенски продукти кумановска помош е однесена денеска до скопските општини зафатени со невремето.
 
Помошта ја дистрибуираа кумановскиот Црвен Крст и Иницијативниот одбор за собирање помош.
 
- Во дистрибуцијата се вклучи и кумановска компанија. Паралелено, на пунктовите во Куманово продолжува собирањето помош, а во донациите се вклучуваат и приватни фирми од повеќе сектори, изјави Бојан Петрушевски, секретар на општинската организација на Црвениот Крст.
 
Екипата „Кумановски акцијаши“ веќе два дена е во погодените скопски населени места и им пружа помош на семејствата настрадани во поплавите. Утрово замина во скопската населба Синѓелиќ заедно со претсавници на Иницијативниот одбор за собирање помош.
 
- Поплавените домови и уништената покуќнина се расчистуваат, големото количество кал од надојдените води се отстранува од објектите и дворовите, се изнесуваат електричните апарати, мебелот,... Акцијата продолжува и во наредните денови. Освен од Куманово, на терен се и акцијаши од Скопје и Охрид, а во текот на денот се очекува да пристигнат и акцијаши од Краљево и Бела Црква, Србија, изјави координаторот на здружението Синиша Јовановски.
 
Во расчистувањето ќе помогнат и 15 доброволци од градот.