Македонија
13. April 2026 - 16:34

Падот на Орбан нова страница со Брисел

По 16 години власт Виктор Орбан оди во опозиција. ТИСА на Петер Маѓар доби двотретинско мнозинство на вчерашните избори.

ТИСА до раните утрински часови славеше пред Парламентот каде ќе влезат 138 нивни пратеници, наспроти 55-те на Орбан.

-Ви благодарам што поверувавте дека можеме да ја промениме нашата судбина. Ви благодарам што поверувавте дека сопствената историја ние самите, унгарскиот народ, ја пишуваме. Ви благодарам.

Младиот проевропски десничар најави приближување на Будимпешта кон Брисел.

-Унгарскиот народ денеска кажа „да“ за Европа, кажа „да“ за слободна Унгарија. Кажаа „да“ за тоа да ги претставиме, да им помогнеме, да ја средиме државата, зашто тоа е задача на унгарската влада, на секоја влада, рече Маѓар.

Орбан го призна поразот.

-Изборниот резултат сѐ уште не е целосен, но е разбирлив и јасен. Резултатот за нас е болен, но недвосмислен. Одговорноста и можноста за управување не ни беа дадени нам, рече Орбан.

Будимпешта се разбуди со оптимизам. Очекувањата не се преголеми, но граѓаните велат дека, ако ништо друго, новото раководство ќе биде различно.

Орбан беше поддржан и од Вашингтон и од Москва. Безусловната поддршка која дојде дури и од потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс директно, кој непосредно пред изборите беше во Будимпешта, според експертите е јасен знак за влијанието на велесилите врз изборните процеси во државите членки на ЕУ.

Сега клучното прашање останува како Будимпешта ќе се однесува со Киев и интеграцијата на Украина во Европската Унија. Украинските аналитичари, сепак, не очекуваат промена од 180 степени.

Токму украинското прашање е најважно за германскиот канцелар, кој вели дека сега очекува работите да одат полесно.

И покрај проевропскиот курс, кој се очекува да го фати Маѓар, сепак и Москва и Пекинг очекуваат односите со Будимпешта да останат на високо ниво, како и досега.

Орбан беше лидер со најдолг стаж меѓу земјите-членки на Европската Унија. Цели 16 години ја предводеше Унгарија. Победникот на вчерашните избори, Маѓар е човек кој излезе токму од партијата на Орбан, ФИДЕЗ и се приклучи на ТИСА, партија формирана во 2020 година.

ТИСА направи експоненцијален раст токму со доаѓањето на Маѓар на чело на партијата во 2024. Очекувањата на меѓународната заедница пред изборите беше „пад“ на Орбан, но ретко кој очекуваше дека ТИСА ќе успее да дојде до двотретинско мнозинство.