Свет
25. December 2015 - 16:43

Овогодишниот Божик еден од најтоплите во историјата

Католичкиот Божик оваа година ќе остане запаметен како еден од најтоплите во историјата, бидејќи термометрите бележат рекордни температури во цела Европа, а дури и Американците празникот го дочекаа во маици.

Според парискиот весник „Фигаро“, ова е најтопол Божик во Франција откако во земјата се мери температурата, па така на плажите во Ница традиционалното божиќно капење потсетувало на вистинско летно капење. 

И во Лондон граѓаните ги користат невообичаено високите температури за овој период од годината за да се релаксираат во парковите, каде нарцисите се веќе расцветани.

Овој Божик е тешко да се скија во Германија, па така во ски-центарот Оберсдорф, температурите се искачија до 15-от степени Целзиусов, а од снегот останале само траги.

Сликата е иста и во многу француски скијачки центри, каде ни снежните топови не успеваат да ја обложат патеката со снег. 

Дури и во Москва температурата се искачи на 10 степени, што е рекорд за овој период од годината, па минувачите на Црвениот плоштад шетале без шубари, а 1.200 природни лизгалишта во руската престолнина беа затворени. 

Во Романија и во Полска снегот и зимата ги заменија Сонце и пријатните температури, дури и над 14 степени.

И од другата страна на Атлантикот температурите се исклучително благи. На Бадник во Њујорк се движеа меѓу 21 и 23 степени, што е најтопло време на 24 декември откако од 1871 година се мерат температурите во овој град. Во такви услови во Њујорк може да се видат расцветано дрвца и минувачи во блузи со куси ракави. 

На исток на САД, во пристаништето Норфолк во Вирџинија е забележан уште еден рекорд од 28 степени Целзиусови, а топлото време се чувствува дури и во Канада, каде во Квебек се измерени повеќе од 21 степени Целзиусови.