Бизнис
20. October 2015 - 15:15

Отворени денови на Управата за имотно-правни работи и Катастарот во Берово и Делчево

Подрачните единици на Управата за имотно-правни работи во Берово и во Делчево за четири месеци решиле 200 барања на граѓани од Карпош и Струмица. 

Беровското и делчевското одделение кои, генерално, имаат помал обем на работа, изминатиов период работеле на барања од граѓани од други општини со цел навремено и ефикасно решавање на проблемите од областа на имотно-правните работи, истакна директорот на Управата за имотно-правни работи Зоран Крстановски денеска при престојот во беровското подрачно одделение, каде Управата заедно со Катастарот организираше отворени денови .
 
Крстановски информира дека на Одделението во Берово за работа му останале уште 2.100 барања, а на делчевското уште 1.100.
 
- Генерално, учинокот на овие одделенија е на завидно ниво. Јас сум задоволен од ефикасноста на работата на одделенијата, бидејќи се работи за барања кои одделенијата во Карпош и Струмица поради големиот обем на работа не можеа да ги завршат во поволен период. Така, имаме барања од граѓани од Карпош кои беа нерешени уште од 2011 година. Станува збор за барања од сферата на приватизација на градежното земјиште, истакна Крстановски.
 
Отворените денови, посочи, се организираат во континуитет и главната цел е на лице место и јас како директор, да го согледам начинот на кој функционираат одделенијата, проблемите  со кои се соочуваат граѓаните и се обраќаат кај нас. Честопати граѓаните се обраќаат за проблеми кои не се во надлежност на имотно-правните работи, проблеми кои треба да се решаваат по судски пат, но нашите тимови им укажуваат на соодветната правна процедура, рече Крстановски.
 
Градоначаланикот на Општина Берово Драги Наџински е задоволен од ефикасноста на работата на Одделението.
 
- Како локална самоуправа понекогаш сме и странка на Одделението за имотно-правни односи, со тоа што нашите поднесени барања за експропријација пред се за изградба на улици и патишта се решаваат доста експедитивно што е во интерес и на нас како општина со цел да ги испочитуваме роковите за градежните работи, а од друга страна не ги оставаме граѓаните оштетени, истакна градоначалникот Наџински.