Бизнис
10. јуни 2019 - 11:49

Отворена Третата меѓународна конференција BalkanCom 2019 посветена на 5G технологијата

Во Скопје официјално е отворена Третата меѓународна конференција од областа на телекомуникациите BalkanCom 2019 која годинава е посветена на 5G технологијата.

За време на нејзиното одржување, релевантни истражувачи и експерти ќе дискутираат за предизвиците и можните решенија на актуелната 5G технологија, а конференција нуди можност и студентите активно да се вклучат во елаборирањето на концептите на идните телекомуникациски системи.

Според професор д-р Лилјана Гавриловска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, 5G технологијата ќе овозможи подлога за иновативен развој и растеж во многу домени на секојдневието и ќе внесе интензивна промена во начинот на  функционирање и комуникација.

И министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој се обрати на отворањето на конференцијата, смета дека 5G ќе промени цели индустрии.

– Овие сектори ќе бидат целосно трансформирани со дигитални автопатишта за комуникација, компјутерска моќ и мрежи на сензори. Автоматизацијата во голема мера ќе зависи од функционалните и безбедните 5G мрежи. Поединци и машини ќе комуницираат и ќе споделуваат информации на начин непознат до сега. Нема да има многу човечки активности, што не е поткрепено со сајбер-инфраструктура, истакна Манчевски на отворањето на конференцијата.

Осврнувајќи се на активностите и политиките на Владата во делот на дигитализацијата, Манчевски посочи дека на почетокот на годинава е усвоен Националениот оперативен бродбенд план усогласен со стратешките цели на ЕУ.

– Врз основа на користењето на јавните средства, како и инвестициите на операторите во наредните три години, се проценува дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град ќе биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2027 година сите градови во државата ќе бидат покриени со непрекинат сигнал од 5G, а до крајот на 2029 година секој граѓанин ќе има пристап до 5G интернет со минимум брзина од 100 Mbps“, нагласи Манчевски.

За главниот извршен директор на „Македонски телеком“, Никола Љушев,  5G технологијата ќе значи нов инвестициски циклус и изградба на нова мрежна инфраструктура, но само на тој начин може да се создаде одржлив екосистем кој ќе даде нова вредност, поголема продуктивност и трошковна ефикасност.

– Во соработка со академската заедница ќе ги истражуваме и продлабочуваме можностите за користење на 5G, очекувајќи одговорните институции да бидат генератори на политики кои ќе донесат забрзана дигитализација на општеството, како и развој на комуникациските и на информатичките технологии. Светот глобално се менува и сите ние како креатори на новото дигитално општество имаме одговорност да ја ставиме технологијата и иновациите во служба на граѓаните и целото општество, рече Љушев.

Првата ваква конференција е одржана во 2017 година во Албанија, а минатата година домаќин на конференцијата била Црна Гора.