Македонија
24. July 2016 - 9:19

Отворен критичко-полемички полигон на ДПМ

Друштвото на писателите на Македонија на својата веб страница (www.dpm-pisateli.mk) отвори критичко-полемички полигон на кој ќе бидат презентирани видувањата за новите книжевни дела и процеси како и естетско вреднување на значајните остварувања во различните фази од развојот на македонската литература.

Во одделот „Критика и есеј“ на веб страницата на ДПМ веќе се објавени прилози од низа писатели, критичари и есеисти, меѓу кои: Ефтим Клетников, Венко Андоновски, Илија Велев, Соња Стојменска Елзесер, Влада Урошевиќ, Мишел Павловски, Санде Стојчевски, Анастасија Ѓурчинова,Томислав Османли и Наташа Аврамовска.

Како што соопшти денеска ДПМ, предмет за анализа и оценка се дела на автори од различни генерации.

Љубителите на литературата имаат можност да ги прочитаат толкувањата на книжевните остварувања на Глигор Стојковски, Вера Чејковска, Славе Ѓорѓо Димоски, Јордан Плевнеш, Драги Михајловски, Зоран Пејковски, Виолета Златева Танчева, Иван Чаповски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Благој Самоников и други автори.

Со отворањето на критичко-полемичкиот полигон, ДПМ ја започнува кампањата за транспарентна, аргументирана и книжевно мотивирана критичка мисла. Одлуката за кампањата беше донесена на  годишнпто собрание на Македонската писателска асоцијација кое работеше на тема „Актуелните состојби на книжевната критика“.

Друштвото на писателите на Македонија оценува дека прашањето за состојбата на критиката е актуелно и дека критичко-полемичкиот полигон може да придонесе за одредени сознанија кои ќе бидат во прилог на литературните остварувања и нивно правовремено и автентично валоризирање.

Според ДПМ евидентна е ситуацијата на нарушени критериуми во естетското вреднување на делата, а тоа може да остави долгорочни негативни последици за литературата и нејзиниот развој. - На проблемот треба да му се пристапува комплексно, со изградена стратегија, во која своја улога ќе има Друштвото на писателите на Македонија во поттикнувањето на оваа дејност како важна компонента во афирмирањето на новите остварувања и нивно вградување во редот на  проверените и потврдени книжевни вредности, се наведува во соопштението од ДПМ.