Македонија
13. October 2016 - 13:49

„Отворен ден со катастарот“ во подрачното одделение во Охрид

Подрачното одделение на катастарот во Охрид заклучно со  месец септември оваа година има решено преку 43 илјади предмети на граѓани на општината, сите во рамки на предвидените законски рокови, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески, кој денеска престојува во Охрид во рамки на активноста „Отворени денови“ што агенцијата веќе девет години ги спроведува низ државата.

-  Обемен процес што се одвива тука во Охрид и е во завршна фаза е дигитализацијата на катастарските планови, остануваат да се покријат уште четири катастарски општини, така што до крајот на оваа година Охридтреба да добие дигитални катастарски планови за целата територија на општината, рече Трпески.

Како најчести прашања граѓаните на Охрид пред катастарската служба посочуваат проблеми настанати со авионското катастарско снимање.

- За сите граѓани на Република Македонија важи нашата препорака, согласно последните измени на Законот за катастар на недвижности, тие можат без геодетски елаборат само со изјави заведени кај нотар да ги решаваат проблемите настанати со авионското снимање односно уредувањето на меѓи на имотот, појасни Трпески, нагласувајќи дека се работи за едноставна и евтина постапка која чини 300 денари.

Директорот на Агенцијата потсети на новината што ја спроведува службата во рамки на „Отворените денови“, преку посебниот ден посветен на сопствениците на геодетски компании, со обука за сите новини од работата на катастарот.

- Наредната седмица на 19 октомври во Скопје заедно со Сојузот на стопански комори ќе се реализира средба со сите компании-членки, на која претставници на бизнис-заедницата ќе можат да ги истакнат сите проблеми со кои се соочуваат, рече Трпески.

Во делот на бизнис-секторот, најбројни забелешки кај сопствениците на фирмите се однесуваат на приватизација на самото земјиште каде имаат свои производствени капцитети и легализација на бесправно изградени објекти.

- Припадниците на бизнис-секторот бараат и поголема достапност до податоците на Катастарот како би можеле навремено да ги планираат своите активности и проекти. За таа цел заедно со Сојузот на стопанските комори работиме секоја компанија во земјата да добие електронски шалтер, со директен пристап до податоците на Катастарот и истите веднаш да може да ги добие потребните податоци, исто и  одредени барања да ги достави по електронски пат со што се заштедува време, истакна Трпески.