Отсуството на Арсовска и службите ја прекинаа седницата на Град Скопје
Пропадна обидот на советниците во Град Скопје да се разговара за пожарите во Дрисла, Вардариште и Трубарево. Градоначалничката и претставници на службите од градската администрација не беа присутни на седницата, па претседателот ја напушти работата на советот. Рече, понижувачки е градските власти да ги игнорираат темите за загадувањето.
„Неприсуството на госпоѓата градоначалник и ниту еден член од службите кои треба да ни дадат извештај за една горлива тема како што е загадувањето на Скопје, го чувствувам како непочитување и понижување и заради тоа ви благодарам на довербата да ја водам седницата, меѓутоа, бидејќи се чувствувам крајно понижен од неприсуството, јас се повлекувам и повелете најдете друг претседавач“, изјави Страшо Ангеловски, Претседател на Совет на град Скопје.
Точките за пожарите на депониите и загадувањето ги предложија дел од независните советници. Тие сметаат дека сликите од изминатите денови може наскоро да се повторат, па решение гледаат во концептот „нула отпад“. Тврдат дека затрупувањето со земја создава нови проблеми.
„Со буткање на ѓубрето под земја, а тоа ѓубре ни ја загадува и почвата и водата и воздухот, а со тоа и храната што ја јадеме. Значи, не можеме ние да продолжиме да го буткаме оптадот под земја и да мислиме дека ќе функционираме нормално како општество и дека ќе оставиме нормална земја, воздух, вода за идните генрации“, изјави Драгана Велковска, Зелен хуман град.
„Во зима се испогушивме, а веќе се навикнавме, некако ни стана стандард, а сега дојде и во лето да се гушиме. Првата работа која што барам е известување од секторот што направивме со Дрисла и што направивме со Вардариште, што е во надлежност на овој град и што имаме преземено како институција“, изјави Горјан Јовановски, Зелен хуман град.
Овие одговори ги очекуваа и останатите советници кои дадоа поддршка на предложените точки, но заради отсуството на градоначалничката и службите, не слушнаа што е направено со депониите. Наместо во салата, Арсовска се огласи на Фејсбук. Напиша дека нема надлежност за депониите во Трубарево и Вардариште, а Дрисла веќе три години не согорувала отпад. Му се обрати и на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
„За пироманите, барај си го Панче Тошковски и наместо да се сликате како “џогирате“ низ парк само за кампања, не ќе беше лошо за промена да му кажеш да се обиде да фати некој од сторителите“, напиша на Фејсбук, Данела Арсовска.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар