Бизнис
11. December 2020 - 16:37

Откупот на тутун продолжува од понеделник

Протестите во мирување, откупот на тутун продолжува в понеделник. Производителите и откупувачите на тутун се договорија откупот да продолжи но, со реална проценка за квалитет. На тој начин би се постигнала бараната минимална откупна цена од 200 денари за килограм.

“До петок нема да протестираме. Ние ќе излеземе на терен, ќе добиеме овластување да го следиме целиот процес и секаде онаму каде што ќе има проблем веднаш ќе реагираме. Ако има подобрување нема да има протести, меѓутоа ако нема подобрување револтот е огромен, уште поголеми проблеми ќе има. Ние знаеме дека ако ја пуштат линијата како што треба таа цена ќе се достигне бидејќи си го знаеме ние квалитетот. Тие нè манипулираат дека е лош квалитетот. Не е точно дека е лош квалитетот”, вели Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на тутунопроизводителите.

Иако сè уште не се отворени сите откупни центри и до сега е предаден незначителен процент од произведеното, просечната постигната цена е 165 денари за килограм, што според тутунарите е недоволна да ги покрие нивните трошоци. Сметаат дека тутунот намерно им се проценува класа подолу.

“Колку што вреди да се плати. И да не нè ограничува за колку кутии од која берба да донесеме. Никогаш немало такво ограничување. Тоа само да биде реално, ништо не бараме повеќе”, вели Џевад Сали, претседател на Здружението на производители од Студеничани.

Лани тутунот постигна просечна цена од 220 денари за килограм, а беа откупени над 26.000 тони. Овогодинешната реколта е послаба и се проценува на околу 23.000 тони тутун.