Македонија
31. January 2017 - 15:14

Отчет на градоначалникот на Росоман

Асфалтирани се 96 отсто од улиците во општина Росоман, информира градоначалникот Стојанче Лазов на  денешната прес конференција, на која  информираше за реализираните проекти во текот на минатата година и проектите кои следуваат. 

- За изминатата година со сигурност може  да кажеме дека е година на  успешно реализирани голем број инфраструктурни проекти во областа на патните мрежи, тротоари, канализации, водоводи и други уредувања. Успешно се заврши проектот на поставување на тротоари во  централното подрачје на Росоман и селото Сирково, се уредија централните подрачја на неколку села и се изградија улици. Со помош на Владата на РМ направивме тротоари на главната улица во Росоман, но и ја проширивме за побезбеден сообраќај по неа. Во исто време ја завршивме првата фаза од изградбата и пробивањето на локалниот пат Росоман-Сирково. Обезбедените средства се  60 проценти од Владата,  а 40 отсто од  општина Росоман, рече Лазов. 

Тој информираше дека во делот на изградба на канализации и водоводи успешно е направена пропусна шахта за водоводот од  „Лукар” и крак од атмосферска канализација во Росоман, а ги спомена и културните и спортски активности во општината. 

- Пред нас се значајни и големи проекти на кои веќе почнавме да работиме бидејќи се од огромен интерес и значење за општина Росоман и нејзините граѓани. Нашиот буџет е мал, како за една од помалите општини по територија и луѓе, ние  со своите скромни можности  имаме  започнато голем број проекти, рече Лазов посочувајќи дека ветената програмата од пред четири години ќе ја исполнат со реализација од над 90 проценти успешност, без проектите  кои што не ги ветиле, а се завршени.

Локалниот пат Росоман-Сирково, најави, ќе биде почнат со завршната фаза штом ќе дозволат временските услови, бидејќи на тендер веќе е избран и  изведувач, а средства во висина од 26.000.000 денари  се обезбедени. Уредувањето на централното подрачје на село  Манастирец ќе биде завршено штом дозволат условите, со доизградба на тротоари и проширување на главната улица и преминот кај долот. 

Општината аплицирала Бирото за регионален развој со   проект за изградба на локален пат Манастирец -Трстеник со кофинансирање, 70 проценти од Владата и  30 отсто од општината. Преку Вардарски плански регион имаат апликација за дел од крак на атмосферска канализација во горниот дел на Росоман во вредност од над 5.000. 000 денари. Тековно за изградба на улици и тротоари во сите населени места  секоја година вложуваме околу   6.000.000 денари, во сите населени места во општината, каде што има услови ќе изградиме и тротоари, додаде Лазов. 

Во план е заедно со ЈПКД Росоман да се  обнови доводниот цевковод до резервоарот во селото Сирково, но и набавка на пумпа за водоснабдување на Росоман како резервна варијанта при несакани дефекти. Се планира и дозавршување на старото училиште за повеќе намени како целодневен престој на пензионери, библиотека, дом на култура.., за што има и апликација до ЕУ преку меѓугранична соработка со Грција. 

- Успешно ќе го завршиме парното греење на пелети во училиштето во Сирково, но ќе изградиме и игралиште за кошарка  во село Камен Дол. Како еден од најважните документи оваа година ќе го донесеме и урбанистичкиот план за Росоман. Нема да изостанат ни подршките за спортските клубови и културно уметничките друштва, рече Лазов.

Нагласи дека општина Росоман  и тој  како градоначалник секогаш ќе се стремат  кон подобрување на условите за живот, слушајќи го гласот на народот за  потребите кои се неопходни за квалитетен живот.