Освен „шминка“, потребна е проверка и на стабилноста на објектите
Храбро архитектонско решение од пред половина век, вака домашните градежни експерти ја опишуваат натстрешницата која се откорна од железничката во Нови Сад. Претседателот на Друштвото на градежни конструктори и професор на градежниот факултет, Дарко Наков, појаснува дека при секоја градежна интервенција, неопходно е пред пуштање на објектот да се испита неговата стабилност. Вели, скоро секогаш и со голо око може да се забележат промените кај ослабени конструкции.
„Вообичаено, конструкциите се така проектирани да тие го најавуваат својот лом или колапс. Значи, ќе се видат прво пукнатини, деформации, па треба да се процени дали се тие сериозни или не. Случајот со Нови Сад е малку специфичен, бидејќи, она што според мене ја причинило несреќата се наоѓа на врвот на кровот каде што практично тешко може се пристапи и визуелно да се утврди. Меѓутоа, кога се правела санацијата и реконструкцијата на објектот, претпоставувам дека имало механизација, скелиња. Можело да се пристапи и да се утврди со разни методи да се утврди состојбата на тие анкери и состојбата на бетонот во кој се тие анкерувани“, изјави, Дарко Наков Претседателот на Друштвото на градежни конструктори и професор на градежниот факултет.
Според Наков, многу често реконструкциите кај јавните објекти завршувале само со промена на изгледот. Вели, трагедиите како таа во Нови Сад потсетуваат дека најважна е проверка на сигурноста на објектите.
„Над 60 мил евра биле вложени во реконструкција на станицата, но тоа е онаа, ние ја нарекуваме „шминка“ на објектот. Се менуваат плочки, стакла, фасади, енергетска ефикасност и се тоа е во ред, но она што е најважно е да се провери статиката, сигурноста и стабилноста на објектот. Бидејќи, кога ќе ни се случи нешто вакво, тогаш практично ние се запрашуваме, а тоа треба да биде практично систем на работа. Да не се дозволи ниту еден објект да биде нестабилен за употреба“, вели Наков.
Постојаната проверка според експертите е клучна за заштита на објектите. Сметаат дека и во земјава има пропусти кои за среќа, засега предизвикале само материјална штета.
„Станува збор за неконструктивни елементи, фасадни елементи, гипс картон, поткострукција кои се релативно лесни, но ако паднат може да предизвикаат и повреди, па дури и смртни случаи. Пред неколку години се сруши дел од задната фасада на објектот на МЕПСО, имавме откорнување на дел од фасадата, паѓање на климите кои беа закачени на таа фасада. За среќа немаше повредени, но беа оштетни автомобили, за среќа само материјална штета. Стануваше збор за неквалитетно изведена фасада“, вели Наков.
Парчиња од барокна фасада неделава паднаа и од зграда во центарот на градот. Урнале светлечка реклама но никој не е повреден. Во меѓувреме, низ Скопје се вршат доградби на објекти изградени уште пред земјотресот, а не се знае дали се почитуваат законските стандарди за градба кои треба да гарантираат безбедност.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар