Македонија
16. April 2020 - 18:43

Осум од десет верници избрале да останат дома за Велигден и за Рамазан Бајрам

Христијаните и муслиманите немаат дилема дека за претстојните големи празници Велигден и Рамазан Бајрам треба да останат дома, наместо да заминат в црква или џамија.

Најновото истражување на јавното мислење „практикување на религија во услови на пандемија“, што го реализираа интернет порталот religija.mk и Институтот за политички истражувања-Скопје со поддршка на фондацијата „Конрад Аденауер“, покажува дека високи 80.3% од испитаниците сметаат дека Велигден и Рамазан Бајрам треба да се слават во домашна атмосфера, наспроти 10,4 % кои сметаат дека овие празници треба да се слават во црквите и во џамиите.

Ова прво, вакво истражување направено во Македонија, открива дека верниците ги оправдуваат двете најголеми верски заедници, МПЦ-ОА и ИВЗ што ги прифатиле препораките на државата за заштита од ширењето на пандемијата. 75.1 % од анкетираните сметаат дека МПЦ-ОА и ИВЗ исправно постапиле што се приклучиле на вонредните мерки на државата, додека пак 79,6 % испитаници сметаат дека забраната за масовна посета на црквите и џамиите е соодветна и оправдана превенција од ширење на корона вирусот. 51% пак одговориле потврдно дека верските заедници соодветно реагираат на предизвиците со корона вирусот.

Ова истражување, кое имаше за цел да ја детектира перцепцијата на верниците во поглед на рестриктивните мерки на државата и односот кон религијата покажа интересни резултати. Иако македонското општество во висок процент (51%) се декларира како религиозно и (32%) донекаде религиозно, сепак смета дека вонредните мерки за заштита и забраните за присуство на верници во храмовите не значи и ограничување на правото на вероисповед. Тоа го потврдиле високи 63,4 проценти од анкетираните.

Интересен е податокот кој се добива како одговор на прашањето „Дали сметате дека ако отидете во црква или џамија, постои ризик да се заразите од корона вирус?“, речиси повеќе од половината, или 57,1% анкетирани одговориле потврдно, а само 20,9% немаат страв од тоа. Во тој контекст верниците се согласи дека сите црковни настани, како што се венчавки, крштевки треба да бидат одложени во овој период. Такво мислење делат високи 70,5% од испитаниците, а само 15,6% се согласни тоа да го сторат сега и во ограничен број на присутни.

Истражувањето покажува дека стравот од корона вирусот кај граѓаните е голем, а од тие причини речиси седум од десет испитаници рекле дека од почетокот на пандемијата немаат отидено во црква или џамија, токму поради страв да заразата. Во тој страв ако им е потребна помош повеќе од половината, или 58,7% од испитаниците, помош би побарале од психолог, наспроти 11,9% кои за психолошка помош би се обратиле кај својот свештеник.

Ова прво и единствено вакво обемно истражување на јавното мислење во поглед на религијата и пандемиите, дава одговори и на перцепцијата на граѓаните за прашања поврзани со целата состојба со коронавирусот, како и за последиците од кризата.

Корона вирусот нема да има негативно влијание врз вербата во Бог и напротив вербата може само да се зајакне како последица на пандемијата. Поголемиот дел од граѓаните сметаат дека пандемијата ќе има позитивен ефект врз приближувањето на луѓето еден кон друг, како и врз взаемната помош и поддршка која може меѓусебно да си ја понудат. Речиси идентично, повеќето испитаници сметаат дека ќе има позитивна промена на човековиот однос кон природата по завршување на пандемијата со коронавирусот.

Истражувањето покажува дека верските заедници треба да размислат за онлајн или телевизиски пренос на богослужбите за времетраење на пандемијата од корона вирусот, како и тоа дека граѓаните очекуваат од верските заедници да заземат проактивна улога во општеството за време на справување со кризата, како во однос на степенот на активност, така и во однос на организирање на хуманитарни и останати акции за помош на населението.

Истражувањето на ИПИС, religija.mk, со поддршка на КАС (Конрад Аденауер) е дел од серијалот истражувања на јавното мислење за перцепцијата на граѓаните во мултиконфесионални општества.

Истражувањето е спроведено во април 2020 година на репрезентативен примерок од 1127 испитаници со маргинална грешка е помеѓу +/-2.9% и со 95% интервал на веродостојност.