Македонија
22. February 2019 - 16:11

Остра реакција од Европската унија и од Европската Десница, бараат одговорност на нападите врз екс министрите во притворот во Шутка

Остра осуда пристигна од Европската Унија за инцидентот што се случи вчера во затворот во Шуто Оризари. Делегацијата на ЕУ бара да се спроведе истрага, а одговорните да сносат последици.

Делегацијата на ЕУ остро осудува каква било форма на насилство и изразува загриженост за инцидентот што се случи во затворот во Шутка. Очекуваме истрага за овој инцидент и да се сносат последици, се вели во пишаната изјава.

Реакциите од Европа не застануваат тука. Загриженост поради последните случување изрази и најбројната политичка групација во Европскиот парламент, Европската народна партија.

Партијата е загрижена за политичката хајка, за насилството во затворите, за извештаите за измама на изборите и повикува на транспарентни слободни и фер избори според демократските стандарди, пишува во Твитер објавата на Европската народна партија.

Инцидентот во Шутка по кој двајца поранешни министри побараа лекарска помош и денеска предизвикува реакции на домашната политичка сцена. Опозицијата обвинува дека во Македонија нема демократија, а со неа владее хунта со помош на политички прогон и физичко насилство.

Од Независната пратеничка група велат дека пресметката во Шутка во која настрадаа поранешни министри од ВМРО ДПМНЕ е настан без преседан. Од таму бараат брза разрешница, но и одговорност.

За власта, вчершниот инцидент во Шутка е насилничко сценарио на Мицковски и Груевски, а претставува обид за дефокусирање на јавноста за настаните од 27 април во Собранието. Од СДСМ порачуваат дека секое насилство ќе биде санционирано.

Власта ветува дека за инцидентот во Шутка ќе има соодветна истрага, која ќе ги даде сите одговори.