Македонија
14. January 2019 - 10:59

Основниот суд во Битола со нова фасада

Заврши реконструкцијата на фасадата на Основниот суд во Битола, со што неговиот административен простор доби нов современ лик на кој впечатливо е поставена Јустиција, римската божица на правдата.

Според Дејан Крстанов, претседател на Основен суд Битола, новата фасада е повеќе функционална и со квалитетна изолација.

-Фасадата на Основен суд Битола беше непроменета и без интервенции долго време, можеби повеќе од 20 години. Посебно беше оштетен северниот дел од фасадата и без изолација. Реконструкцијата ја извршивме со сопствени средства, и освен интервенција врз фасадата извршена е промена на прозорците од северната страна на зградата, интервенции во внатрешната инфраструктура и поправка на кровот кој прокиснуваше. На источната страна впечатливо се забележува Јустиција која според реакциите на граѓаните го обележува овој комплекс во градот и 24 часа прекрасно изгледа бидејќи има солидна илуминација, истакна судијата Крстанов.

Реконструкцијата во Основниот суд Битола ќе продолжи и во текот на годинава, а главен фокус е обновата на судниците.

-Во Битолскиот Основен суд има 11 судници, од нив пет се обновени, а за шест имаме јасен план како да ги обновиме и направиме пофункционални. Очекувам со средства од Судскиот буџетски совет, три судници целосно да се реконструираат и обноват во текот на оваа година, да се инсталира нова опрема и да се овозможат услови за уште поквалитетно работење, посочи Крстанов.

Основниот суд во Битола располга со солидна судска библиотека, а внатрешните интервенции во зградата последен пат беа вршени во 2006 година со донација од УСАИД во рамки на проект за модернизација на судството во Македонија.